Делчево

Во Делчево по втор пат ќе се реализира кампањата „Денови на хуманост –дарувај со љубов“

По повод Светскиот ден посветен на лицата со попреченост, 3 Декември, Општина Делчево во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, ЈЛБ „Илинден“ , Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“,  Комисијата за еднакви можности и образовните институции, по втор пат ја организираат кампањата „Денови на хуманост- дарувај со љубов“.

Неделата на хуманоста во Делчево обединува неколку активности. Со настаните започнуваме на 2 декември со хуманитарниот концерт на Дејан -Ѕене и Елена кој ќе се одржи во киносалата со почеток во 19 ч. Традиционално на 3 декември организираме посета на Дневниот центар, каде што ќе има и промоција на проектот со кој Дневниот центар доби сензорна соба, а поладнето ќе има промоција на филмот „Врба “ на Милчо Манчевски“.  На 5 декември гостинка во Делчево ќе биде поетесата Ана Дедова од Кочани. Во мултифункционалниот центар со почеток во 13 часот ќе се организира промоција на новата книга на Дедова под наслов „Везот на животот“. Настаните ќе се заокружат со спортските игри Бочија.Сите овие активности имаат хуманитарен предзнак. Средствата ќе бидат подарени на Дневниот центар за нивни потреби.

Целта на оваа хуманитарна кампања има два аспекти. Првиот е да се подигне свеста на граѓаните за хендикепот, да се промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби. Вториот аспект задира во полето на филантропијата и општествената одговорност на фирмите. Овде би се потенцирало дека филантропските активности на едно претпријатие се, всушност, највидливиот дел од општествено одговорните практики.

Во Делчево не е непозната формата на донирање, односно општествена одговорност на фирмите. Да потсетиме дека фирмата „Брегал“ донираше за потребите на Дневниот центар електрично комбе за превоз на децата со попреченост. Додека пред три години во голема хуманитарна акција на граѓаните на Делчево и со поддршка на швајцарската фирма „Албиро“, партнер на делчевската текстилна фирма „Крзно“, беше набавено комбе за превоз на децата од Дневниот центар во Делчево. Минатата година беше организирана аукција на делата од Ликовната колонија организирана на тема „Свет без различности“ , средствата беа наменети за потребите на децата од Дневниот центар во Делчево.

Инаку, Трети декември се одбележува уште од 1992 година, кога Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи за Меѓународен ден на лицата со посебни потреби и се одбележува насекаде низ светот.

Денес се смета дека најмалку 10% од светската популација или 650 милиони луѓе живеат со попреченост. Сепак, секоја држава се труди да им помогне на овие лица со посебни потреби со цел полесно пробивање низ животот. Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200 000 жители се лица со инвалидитет.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …