Жители на Општината Гази Баба бараат целосна пренамена на земјиштето на кое локалните власти планираат да дозволат изградба на постројки за третман на отпад. Тие бараат целосно бришење на намената Е 3.1 и целосно отфрлање на можноста да се третира било каков отпад, како и впишување на други комерцијални содржини кои би биле компатибилни со органско производство на храна и одржување на здрава животна средина за околните населби.

Откако во јавноста излегоа трите Нацрт извештаи за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина на три урбанистички проекти, кои предвидуваат изградба на постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на нејзина територија, граѓаните бараат општината Гази Баба да организира нова јавна расправа, со оглед на тоа дека првата беше прекината, на која ќе може да се дискутира за забелешките на документите. Жителите не се согласуваат со намената на земјиштето, зад која велат дека всушност стои можноста за воспоставување на постројки за третман на индустриски отпад, што е недозволиво во урбана средина.

Филип Иванов, консултант за контрола на индустриски загадувања, управување со отпад и оцена на влијанието врз животната средина вели дека на локација која се наоѓа на само неколку стотини метри од населени места намената на земјиштето не смее воопшто да биде врзана со третман на отпад, а особено не за опасен отпад.

„Во еден од трите документи јасно стои дека предмет на овие планови се постројки за преработка на филтер прашина од електрични лачни печки, настаната од процес на рециклирање на челик, која согласно листата на видови отпад објавена во Службен весник бр. 100/05 од 2005 година припаѓа кон групата 10 – Отпад од термички процеси, подгрупа 10 02 – Отпад од индустрија на железо и челик, отпад означен со 10 02 07* каде што ѕвездата посочува на тоа дека се работи за опасен отпад. Во случајот се работи за цврст отпад од обработка на гас од електрични лачни печки што содржи опасни супстанци“, посочува Иванов.

Според него проблемот со затскривањето на високозагадувачка индустрија како преработка на неопасен отпад лежи во новиот закон и правилник за урбанистичко планирање кој дозволува сите активности кои спаѓаа во тешка индустрија и беа поврзани со управување со отпад да се префрлат како инфраструктура.

„Изјавите на властите дека таму нема да се третира отпад немаат тежина на документ. А документите кои ги видовме предвидуваат намена Е 3.1 и значат дека на локацијата ќе се третира отпад, или пак, бидејќи се работи за широка формулација, може да се користи и за депонии или за одлагање на неопасен отпад, како и за постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. Последиците од тие можности во овој момент се непредвидливи, но многу сериозни“, вели Иванов.

Посочува дека отпадното железо содржи бои, лакови, цинк и други компоненти кои се исклучително токсични за животната средина. Филтер прашината, според него, не смее да се преработува без посебни системи за заштита на животната средина, а препорачливо е тоа да е што подалеку од населено место.

„На оваа локација со ниту еден друг плански документ не се предвидени депонии, ниту пак постројки третман на неопасен отпад. Земјиштето од југ и запад се граничи со густо населени зони за домување, а од север и исток со вредно земјоделско земјиште. Тоа значи дека ова место е атрактивно и може да има други комерцијални намени. Зошто да му додаваме високозагадувачки активности, наместо да тежнееме кон органско производство во околните села, а на оваа локација да се отворат можности да се продаваат тие производи“, вели Иванов.

Можноста во Гази Баба државно земјиште да се пренамени за да се отвори постројка за третман на отпад ја осудија и граѓанските организации. Според активистите од О2 Иницијатива постојат серија на еколошки проблеми со воздухот, водата, почвата, отпадот, урбаниот развој, јавната свест, биодиверзитетот врзани за овој проект.

„Од 8.000 до 12.000 тони третирана прашина годишно треба да овозможи економска одржливост на процесот. Ова би значело дека филтер прашината од Макстил нема да е доволна и ќе се увезува од други челичарници. Очекуваме градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски да излезе јавно со детално објаснување за овој проект и ефектите врз животната средина и човековото здравје, пред да го одобри и пред да се продаде државното земјиште. Рокот за поднесување на забелешки за нацрт-извештаите за СОЖС е продолжен до 3 јуни, па очекуваме овојпат да ги изложи урбанистичките проекти и да организира јавна расправа согласно законските барања“, пишуваат од О2 Иницијатива.

Извор: МЕТА