Фејсбук статус на Aleksandar Trajkovski
Како еден од наследниците на авторот на композицијата „А бре, Македонче“, Ордан Михајлоски-Оцка (автор на музиката, а заедно со Коле Чашуле и коавтор на текстот), чувствувам морална и професионална обврска да се јавам по повод изведбата на оваа химна на партизанското движење, на чествувањето на државниот празник 11 Октомври, во Куманово.
Низ медиумите и социјалните мрежи се крена голема врева заради тоа што хорот го испеал стихот „душманите клети“, што потоа се толкуваше како цензурирање на текстот и замена на стихот „клетите фашисти“. Гневот на дел од неупатената јавност се истури врз колегите изведувачи и Националната опера и балет, со директни обвинувања дека некој оттаму, по нечија директива намерно цензурирал.
А, вистината е сосема поинаква.
Не станува збор за никаква цензура. Изведен е хорски аранжман на „А бре, Македонче“, направен од еден од најмаркантните и најзначајни личности заслужни за развојот на хорската музика во Македонија во втората половина на ХХ век, професорот Драган Шуплевски. Шуплевски, аранжманот го направил во доцните седумдесетти години на минатиот век и оттогаш, па наваму, овој аранжман, со овие стихови е изведуван од речиси сите хорови во Македонија. И, тоа никогаш не претставувало проблем.
Да, заради акцентирањето и метричкото усогласување, Шуплевски направил мали измени, заради кои, денес се крена дел од јавноста. Но, во периодот кога Шуплевски го правел аранжманот, композицијата била третирана како народна (авторските права се признати дури во 1990 година) и дотогаш, се појавуваат три верзии на овој „спорен“ стих. Тоа се „денешните тирани“, „клетите фашисти“ и „клетите душмани“.
Досега, јас не сум сретнал факти (немам информација дека некој друг, воопшто има било какви сознанија по ова прашање) кои ќе покажат и докажат, во кој момент од „живеењето“ на композицијата, настанувале овие промени.
Но, во домашната архива поседувам историски документ, во кој јасно е наведено дека на првата изведба на „А бре, Македонче“, на 8 ноември 1941 година, во селото Царевиќ (Прилепско), композицијата е изведена со стихот „денешните тирани“!
Дефинитивно, тоа е првата и оригинална верзија на оваа песна. Значи, најпопуларниот стих „клетите фашисти“, воопшто не е дел од првичната верзија, но, тоа не дава за право да кажеме дека стихот „денешните тирани“ бил цензуриран и заменет со „клетите фашисти“ (како што денес, во обратна насока, можевме да прочитаме во повеќе наврати). Едноставно, песната (пак ќе подвлечам – долг период третирана како народна!) била различно пренесувана и прифаќана.
Да заклучам – ниту Шуплевски цензурирал кога го правел аранжманот, ниту хористите цензурирале кога изведувале, ниту пак, менаџментот на Националната опера и балет тоа го направил по нечија директива.
За создавањето на „А бре, Македонче“, имам напишано пообемна научна студија, која досега ја немам објавено, но се надевам дека во догледен период ќе ја публикувам и ќе биде достапна за сите заинтересирани. Сметам дека (ќе си дозволам таква квалификација) најпопуларната револуционерна македонска песна, нејзиниот автор Ордан Михајлоски-Оцка, а воопшто и нашата, македонска историја, го заслужуваат тоа.