Во Кривичен суд денеска судења за „Насилство во Општина Центар“, „Тврдина“ и „Таргет“

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат две судски рочишта за три случаи на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во 10 часот ќе почне судењето за случаите „Тврдина“ и „Таргет“, кои се споени во еден предмет. Во случаите за нелегалното преслушување, „Таргет“ и за уништување на опремата на прислушувањето, „Тврдина“, обвинети се 12 лица. Први се екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, а обвинети се и Горан Грујовски и Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција.

Претходното рочиште требаше да се одржи на 17 јануари годинава, но се одложи за денеска затоа што на новиот судски совет, со кој претседава судијката Џенета Бегтовиќ согласно новиот план за работа на претседателот на Судот Иван Џолев, му било потребно време за да го проучи обемниот доказен материјал.

Потоа, во 13.30 часот во Кривичен суд ќе почне судењето за случајот „Насилство во Општина Центар“, познат и како „Шамари во Општина Центар“, во кој за насилството во текот на седницата на Општина Центар пролетта обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката и тогашен член на Советот на Град Скопје, Даниела Рангелова, како и уште 11 лица.

На претходните рочишта, вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија по шест месеци условна казна.

Претходното рочиште за овој случај се одржа на 13 овој месец.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …