Во кумановската болница отворен првиот центар за жртви на сексуално насилство во Македонија

Денеска во кумановската болница, беше отворен првиот од вкупно трите центри за заштита на жртви од семејно насилство со донација од 400 илјади евра од УНДП и УНФПА, како и во соработка со граѓанската организација ХЕРА. Центарот профункционира по само една година откако Владата на Р.Македонија ја ратификува Истанбулската конвенција за превенција и сузбивање на насилството врз жените и на семејното насилство.

„Во државата досега немаше ниту еден центар каде ќе бидат згрижени овие жртви. Токму поради тоа, процентот на пријави на вакви случаи е многу мал. Во овие центри сега жртвите ќе ја добиваат помошта на едно место, односно нема да бидат принудени да одат на различни места и постојано да ја раскажуваат истата приказна“, изјави Лујза Винтон, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање рече дека со отворањето на овие центри, Македонија ги обезбедува потребните услуги за жртвите на сексуално насилство, кои се во согласност со меѓународните стандарди.

„Владата забрзано работи на подготвување на неколку пакет мерки за искоренување на секој вид насилство. На овој начин сите заеднички ќе направиме напори за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но и кон превентивно делување и подигање на јавната свест“, рече Царовска.

Според, министерот за здравство Венко Филипче, целта на овие центри е примарно да се заштитат жртвите од родово насилство, на начин со кој ќе се почитува достоинството и интегритетот на жртвите.

“Центарот е пристапен за жртвите со физички инвалидитет и е целосно опремен со гинеколошка опрема. Во следниот период се очекува да се отворат уште најмалку три нови центри, а Министерството за здравство се обврзува и понатаму да го поддржува развивањето на центрите за упатување на жртви на сексуално насилство и усогласување на стандардите на Република Македонија со стандарите на Советот на Европа и ОН“, рече Филипче.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека отворањето на првиот ваков центар треба да се разбере како почеток на патот кон целта.

„Овие центри ќе служат, не само за спречување или за заштита на жртвите, туку за нивно подигнување на нозе, за да можат сами понатаму да чекорат во животот“, рече Спасовски.

За работењето на центарот е развиена стандардна оперативна процедура за третман на жртви на сексуално насилство која ќе помине како официјален документ на следната владина седница и истата ќе биде обврзувачка за понатамошно користење.

На отворањето на центарот, покрај владини и преставници од меѓународните организации, присуствуваше и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Република Македонија, во декември 2017 година ја ратификуваше Конвенцијата на Совет на Европа за превенција и сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство.

Според член 25 од оваа Конвенцијата, имаме обврска, како држава, да ги инкриминираме сите форми на насилство врз жените вклучително и сексуално насилство.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …