„Се наоѓаме сред градежна сезона, интензивно се работи низ целата земја и задоволни сме од тоа како се одвиваат работите на терен. Во моментов активно работиме на преку 550 километри патна мрежа во земјава, а само во Кумановскиот регион инвестираме преку 60 милиони евра во изградба на патишта, пруги, водоводи и канализации“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во реконструкцијата на регионалниот пат Куманово – Свети Николе.
Патниот правец Куманово – Свети Николе е во должина од 42 километри, а вредноста на инвестицијата за негова реконструкција е во висина од 3 милиони евра.
Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека покрај реконструкцијата на овој патен правец, се работи и на реконструкција на уште неколку други регионални и магистрални патишта во регионот.
„Сите сме силно посветени на подобрување на целокупната инфраструктура во државата. Во следниот период предвидена е реконструкција и рехабилитација на магистрални и регионални патишта со вкупна должина од околу 450 километри, така што со сигурност можам да кажам дека градежната офанзива продолжува, реализацијата на капитални инвестиции ќе се одвива по нагорна линија. Интензивно работиме и на изградба на пругата Куманово – Бељаковце, а веќе следната година очекуваме да отпочне и изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка. Во однос на комуналната инфраструктура, во Кумановскиот регион инвестираме преку 4 милиони евра во водоводни системи“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов потенцираше дека само во кумановскиот регион ќе се работи на преку 120 километри патна мрежа.
„Патиштата во Куманово беа заборавени повеќе од 50 години. Моментално интезивно работиме на реконструкција на патната мрежа во Кумановско и очекувам некаде напролет патиштата низ цел Кумановски регион да бидат целосно реконструирани. Очекуваме регионалниот пат Куманово – Свети Николе целосно да биде реконструиран до месец октомври, оваа година“ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.
Според градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, Куманово добива нов лик со реконструкцијата на целокупната патна мрежа, од што голем бенефит ќе имаат граѓаните на општината, а особено жителите на руралните средини.