ВО ПРЕДВОРЈЕТО НА ЧИСТИЛИШТЕТО

ВО ПРЕДВОРЈЕТО НА ЧИСТИЛИШТЕТО

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

Годината која е скоро па зад нас, завршува онака што и започна: со видлива вознемиреност и страв на портокаловата врхушка од евентуалното „абдицирање“ од власта. Тоа, што би рекол Пастирот, и од авион се гледа. А стравот не им е ирационален. Оти колку и да се забегани, не се до толку за да не знаат дека не се работи за слегување од коњ на магаре, туку за преселба од „Илинденска“ во Идризово. А таквото сознание не е баш благопријатно дури ни за таквите како нив, на кои чувствата им отапеле а контактот со реалноста одамна го изгубиле.

Изборите не сменија ништо драматично во државата. Барем засега. Освен што после нив сме малку посиромашни и малку повеќе раскарани отколку претходно. Ама она што не ни го донесе крајот на оваа, ќе ни стигне на почетокот на следната година. Промени. Нова Влада. Без разлика кој ќе ја составува и кој сѐ ќе партиципира во неа, сосема е извесно оти после „бомбите“ Македонија повеќе никогаш нема да биде иста. Штотуку завршените избори се само преодна фаза кон излез од агонијата.

Еден драг пријател со кој сме идеолошки противници, но според желбата и одлучноста да живееме во нормална држава сојузници, далеку пред декемвриските избори ми рече: „Со Грујо на слобода, избори во Македонија не биваат. Со Грујо на власт, Македонија како држава нема да ја има“. Така би, и така секогаш ќе биде. А тоа „секогаш“ мора да заврши следната година. Во спротивно, не само што државата нема да ни ја биде, туку и нас не ќе нѐ биде.

Она што е сигурно, е дека претстојната 2017 ќе имаме најмалку едни, а многу веројатно и уште едни избори: локалните се сигурни, а новите предвремени парламентарни избори речиси извесни. Што ќе рече, две во едно.

Годината која е на прагот ќе го донесе „чистилиштето“ на домашната политичка сцена. Повлекувањето од лидерската позиција на Мендух Тачи е најава за тектонските поместувања во најтесните раководства на дел од најголемите политички субјекти. Новата Влада, техничка, експертска, малцинска…каква и да е, првенствено ќе ја има задачата да го запре „слободниот пад“ на државата изразен преку енормното задолжување и неразумното трошење пари, да овозможи функционирање на правната држава, враќање на демократијата и слободата на говорот, независност на медиумите и организирање на фер, слободни и кредибилни избори.

…и да не заборавам: создавање услови за продолжување на мандатот и непречена работа на СЈО! Оти токму Специјалното обвинителство е тоа кое треба да ги удри темелите на правната држава, што пак е единствениот начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, кои десетгодишното владеење на Грујо и Ахмети целосно ги девастира.

Колку и да кажаното изгледа преоптимистички, за нас тоа е единствената алтернатива за натамошно опстојување. Секоја друга варијанта во која се вкалкулирани членовите на злосторничкото здружување, ќе значи нова голгота, уште една изгубена година и нови десетици илјади иселени млади луѓе. Македонија тоа не смее да си го дозволи од едноставна причина што нема да може да го преживее…

За крај, наместо желби и пораки за здравје, среќа, љубов и мир во Новата 2017 година, ви ги поклонувам стиховите на прекрасната Ана Бунтеска кои во себе го содржат сето тоа… и малку повеќе од тоа:

„…Научи да не фаќаш кусур кога се лоши со тебе

Кога ќе сетиш потсмев во нечии очи или зборови

Суетен не биди и не враќај

Оти на лошото не можеш да вратиш ако и сам лош не станиш

Научи да се бориш за она што го сакаш

Дал човек бил или идеал, сеедно

И двете вредат за да не спиеш со ноќи

И да си силен и чесен дур дишеш на овој свет

Диши љубов

Дај љубов…“

 

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!!!

 

Автор:

Чеге Вара                             Прилеп, ебаго!…….(138)                 

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …