Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас во селото Псарадес (Нивици) на грчкиот брег на Преспанското Езеро претпладнево ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817  (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“.

Документот предвидува ново име за Република Македонија, кое ќе се употребува ерга омнес, односно во секоја пригода и во земјава и надвор од неа. Oфицијалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц на денот на својот роденден.

Тој во оваа пригода рече дека, неговата посредничка улога завршува и дека останува двете земји да го одработат останатиот дел од договорот. Истакна дека, за решавање на овој децениски спор, кај четворицата политичари од македонска и грчка страна, имало лидерство, храброст и визија.

На церемонијата присуствуваа и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и потсекретарката за политички прашања на Обединетите нации Розмари Ди Карло.

– Колку убав и величествен историски ден, нека ни е со среќа – рече Заев, кој во првиот дел од својот говор го спомена Аристотел, велејќи „човек што има волја, може и планини да помести“ што, како што нагласи, се случува денеска.

-Нема да можеш да постигнеш ништо без храброст и надежта е буден сон. Овие две мисли говорат дека кога има надеж и храброст можеш да поместиш планини. Со потпишувањето на овој договор навистина поместивме планини. Кога многумина се сомневаа, потврдивме дека е возможно. Ставаме крај на еден спор. Прашањето беше отворено три децении. Затоа јас и Ципрас и министрите за надворешни работи заедно со нашите претставници, тргнавме во потрага по решение и стигнавме до решение – рече Заев, посочувајќи оти од историјата треба да се учи, а не да се повторува нејзината содржина.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас рече дека „ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи.“

– Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди – додаде Ципрас.

Тој при честитањето по потпишувањето на договорот, ја симна од врат својата вратоврска и му ја подари на својот грчки колега .

Денешниот настан продолжува со заеднички ручек на македонска територија, во Отешево.

Извор: МЕТА