Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден за грижа на лицата со попреченост

Лица со попреченост од Прилеп, кои што се социјализираат во двата дневни центра: „Ѕуница“ и Дневниот центар за лица со церебрална парализа, денеска со песни и игри го одбележаа Меѓународниот ден за нивна грижа. Градоначалникот Илија Јованоски и директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски присуствуваа на оваа прекрасна приредба.

„Ние како општество и како заедница имаме обврска и цел да најдеме начин да им помогнеме на овие лица, зашто мораме да ги интегрираме во општеството. Тоа е наша должност. Мора да најдеме начин за инклузивност во образованието, да се отстранат сите бариери кои што ја спречуваат мобилноста на овие граѓани,со општествена одговорност на сите институции, и индивидуално сите граѓани треба да се вклучиме со цел подобро општество за сите нас“, изјави градоначалникот Јованоски, на чија иницијатива е отворен Дневниот центар за лица со церебрална парализа.

Тој најави дека Општина Прилеп, следната 2019-та година ќе планира проект за изградба на пристапни влезови до сите институции.

„Мора да најдеме начин како да изградиме пристапни патишта до сите институции, за сите граѓани со попреченост. Како Општина сме исправени пред овие предизвици. Следната година планираме да реализираме проект за изградба на пристапни рампи, лифтови,пристапни влезови до сите институции“, рече градоначалникот Јованоски.

Според директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Силјаноски,заедницата треба да биде посветена на олеснување на животот на граѓаните секој ден, не само на Меѓународниот ден за грижа на оваа категорија граѓани.

„Во Прилеп имаме два дневни центра за грижа на лица со попреченост. А, евидентирани се преку 550 граѓани со попреченост. Првиот Дневниот центар за лица со посебни потреби, којшто функционира преку 15години, и беше прв центар од ваков вид во државата. А, вториот е Дневниот центар за лица со церебрална парализа, што е отворен благодарение на заложбите на градоначалникот Јованоски. Очекуваме донесување на нова законска регулатива која што ќе го догради квалитетот на животот на овие наши граѓани“, истакна директорот Силјаноски.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …