Во Прилеп постојат два фудбалски клуба со име „Победа“ – кој го кочи играњето на „вистинската“ „Победа“ во Првата лига?

Пишува: Зоран Милошески

Најпрепознатливиот спортски бренд за градот под Марковите Кули, чие име им беше добро познато на љубителите на спортот од некогашните југословенски простори, секако е ФК „Победа“.

Освен по негувањето допадлив и технички поткован фудбал, ФК „Победа“ на пошироките простори беше позната и по бројната публика која, речиси редовно, целосно го исполнуваше Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, чиј капацитет изнесуваше околу 15.000 гледачи. Во своите најдобри години кога клубот се натпреваруваше во Втората југословенска лига, ФК „Победа“ беше петтиот најгледан тим во тогашната држава, веднаш после клубовите од „големата четворка“ „Црвена Звезда“, „Партизан“, „Хајдук“ и „Динамо“.

Меѓутоа, тие времиња одамна се минато. Денес, „Победа“ е позната по нешто друго – по тоа што, верувале или не, во Прилеп постојат две „Победи“, односно два фудбалски клуба со истото име. Првата е онаа „оригиналната“, вистинската „Победа“ која го полнеше стадионот и срцата на прилепската публика. Втората „Победа“ е онаа која до вчера се натпреваруваше во Првата фудбалска лига на Македонија, формирана во 2010 година на почетокот под името „Викторија“, потоа преименувана во „Победа јуниор“, за да на крајот го добие скратениот назив ФК „Победа“.

Не е јасно како Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и другите институции дозволиле да се користи името на веќе постоечки субјект, но тоа во моментов не е предмет на нашиот интерес. Прашањето е, што се случи и каде “исчезна“ онаа вистинската „Победа“, после истекот на 8 годишната суспензија од првенствата во нашата држава?

Како што е познато, спроведувајќи ја Одлуката на ФИФА, Комесарот за натпревари на ФФМ, Милан Спиркоски на 03.05.2010 година донесе Одлука со која ја суспендираше ФК „Победа“ – Прилеп од понатамошното натпреварување во државните првенства за период од 8 години. После истекот на изречената казна, како што впрочем потврди и Спиркоски, во сезоната 2017/2018 ФК „Победа“ требаше да почне да се натпреварува во Првата лига на Македонија. Меѓутоа, иако во меѓувреме од клубот повеќе пати со писмена ургенција се обратиле до ФФМ и побарале да биде донесе одлука за утврдување на системот на натпревари за натпреварувачката 2017/2018 и вклучување на ФК „Победа“ во Првата фудбалска лига, од Федерацијата не добиле никаков одговор.

„Во 2016 и 2017 година, во повеќе наврати со писмен допис се обративме до ФФМ со цел да ја испочитуваат Одлуката од 03.05.2010 година и да не’ вклучат во системот на натпреварување за сезоната 2017/2018. Меѓутоа, не само што не беше испочитувана Одлуката на Комесарот за натпревари при ФФМ, туку бевме целосно игнорирани и не добивме било каква повратна информација. Во тој период, презедовме активности преку трансформација на клубот во АД, да обезбедиме спонзори, фудбалери, тренери, лекарски тим, административен персонал, со цел навремено да се подготвиме и спремни да ја дочекаме натпреварувачката сезона. Конечно, на почетокот на јуни 2017 година Комисијата за натпревари на ФФМ во состав Васко Дојчиноски, Дејан Ачовски, Драган Блажовски и Фисник Хисени не’ извести дека нашето барање се одбива како неосновано и истовремено бевме информирани дека клубот може да почне со организирано натпреварување во рамките на ФФМ, но од Општинската фудбалска лига – Прилеп“, вели Ѓорѓи Кироваков, член на УО на ФК „Победа“.

На тоа, ФК „Победа“ поднела жалба, која Комисијата за жалби при ФФМ ја одбила и ја потврдила Одлуката на Комисијата за натпревари, со што ФК „Победа“ е оневозможена да го продолжи натпреварувањето во истиот ранг на натпреварување од каде беше суспендирана, во Првата фудбалска лига на Македонија. Тоа значи дека наместо суспензија, најпопуларниот спортски колектив од Прилеп, всушност, е дисквалификуван.

„За нас е нелогично и неразбирливо како може првично донесенета одлука за суспензија на клубот, да биде преквалификувана во дисквалификација. Зошто е постапено така, зошто на ‘Победа’ и’ е изречена мерка дисквалификација, треба да кажат надлежните од ФФМ. Местото на нашиот клуб му е во Првата лига. Освен што на клубот и на навивачите им е нанесена неправда, ова што се прави со ‘Победа’ е и кривично дело“, вели директорот на ФК „Победа“, Денис Трајкоски.

Она што исто така треба да се напомене, е дека за настаната ситуација со писма испратени на 14.07.2017 година, известени биле УЕФА и ФИФА. Оттаму клубот и раководството немаат добиено одговор, но не се исклучува можноста дека двете институции одговориле на испратените писма, но дека некој во ФФМ се погрижил одговорите да не го здогледаат светлото на денот.

Трајкоски нагласува дека работата ќе ја тераат до крај, се’ до моментот кога неправдата ќе биде исправена и клубот ќе биде вратен онаму каде му е местото – во Првата фудбалска лига. Доколку тоа се случи, раководството на ФК „Победа“ ќе ја тужи ФФМ за нанесената финансиска штета, која е предизвикана со нејзиното неиграње во најреномираното натпреварување во нашата земја.

На прес конференцијата одржана во просториите на ФК „Победа“ присуствуваа и повеќемина повозрасни вљубеници во фудбалот и во клубот, кои на тој начин сакаа да ја изразат својата загриженост за настанатата ситуација и да му ја искажат поддршката на својот омилен фудбалски клуб.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …