Пишува: Зоран Милошески

Денес и утре на мото крос арената Лагово кај Прилеп, по 5. пат ќе се одржи меѓународната трка „Storm Riders 2017“. Организаторите, клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, велат дека во текот на изминатата недела ги завршиле подготовките на патеката. Тоа значи дека патеката е спремна за одржување на трката која годинава е од ревијален карактер, а на која учество ќе земат триесетина натпреварувачи од Србија, Грција, Бугарија, Албанија и Македонија.

Според зборовите на секретарот на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, Златко Спиркоски, ова ќе биде единствена мото крос трка годинава организирана во Македонија.

„Сите возачи од државава се нестрпливи да учествуваат на еден ваков настан. Во изминативе години стекнавме едно реноме, имаме патека која е направена според сите стандарди и целта е овој натпревар да премине во меѓународна трка со натпреварувачки карактер и мислам дека во иднина тоа и ќе го постигнеме. Се надевам дека на годинешната трка македонскиот натпреварувач, битолчанецот Кристијан Илиевски, повторно ќе биде на своето ниво и дека ќе ја израдува домашната јавност со нова победа“, вели Спиркоски.

Што се однесува до самиот полигон, организаторите истакнуваат дека она што му недостига е инфраструктурен објект, дел за кампување и уште неколку помали придружни објекти. Со нивна изградба значително би се подобриле условите за натпреварување, што ќе привлече уште поголем број домашни и странски натпреварувачи.

Идејата на луѓето од клубот за екстремни спортови „Skyriders“ е во иднина патеката да се подобри и освен за натпревари, да се користи и за рекреативно возење. Истовремено тие велат дека постојат можности таа биде осветлена и да се користи и за ноќно возење, нешто што е особено атрактивно во светот.

Денес на патеката кај Лагово ќе се одржи тренинг, додека трката е закажана за утре, недела 26. ноември, со почеток во 10 часот.