Во Прилеп ставена во функција модуларната болница со капацитет од 35 кревети

Денеска во кругот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп, во функција беше ставена модуларната болница со капацитет од 35 кревети.

На ставањето во функција на болницата, покрај градоначалникот Илија Јованоски, присуствуваа и премиерот Зоран Заев, министрите за здравство и труд и социјална политика, Венко Филипче и Јагода Шахпаска, пратеникот Миле Талевски и директорот на Царинската управа, Горан Сугарески.

„Прилеп во континуитет бележи високи бројки на заразени граѓани, на кои им е потребна лекарска помош и, во најголем број, болничко лекување. Општата болница со проширена дејност функционира со 5 ковид центри, со вкупно 130 легла. Капацитетот е максимално искористен и затоа ги забрзавме активностите за подготовка на модуларната болница, која е опремена со 35 кревети, сите поврзани на централен довод на кислород, што во голема мера ја олеснува работата на персоналот. Модуларната болница и персоналот се подготвени за прием на пациенти, а се надевам дека нивниот број нема да биде голем и дека тие брзо ќе закрепнат“, изјави Кети Смилеска, директорка на прилепската болница „Борка Талески“.

„Сакам да му се заблагодарам на министерот за здравство Венко Филипче, што во нашата болница го испрати професорот од Клиниката за инфективни болести, Ѕвонко Миленковиќ, кој во својот двенеделен престој даде голем придонес како во стручниот, така и во организацискиот дел. Во оваа прилика ги замолувам и упатувам апел до сите здравствени работници, доколку имаат можност во следните петнаесетина денови да се приклучат во болницата и да им помогнат на своите колеги, бидејќи хероите на новото време се изморени и истоштени. Ова е последниот момент кога треба да им се помогне, што на најдобар начин ќе го почувствуваат граѓаните“, истакна во своето обраќање градоначалникот Илија Јованоски.

Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека не само нашиот, туку и здравствените системи на сите земји во регионот и многу пошироко, се соочени со пикот на досега најсилниот бран на пандемијата, потенцирајќи ја пожртвуваноста и посветеноста на здравствените работници.

„Модуларната болница во Прилеп е еден од 19-те објекти кои ги поставивме за рекордно кратко време од 3 месеци и е дел од вкупно 10.000 м2 и 600 кревети повеќе, со кои сега располага нашиот здравствен систем. Во изминатите две и пол години многу инвестиравме во болницата во Прилеп. Примени се над 100 лекари, медицински сестри и друг персонал, без кои овој удар тешко ќе можеше да се амортизира и да се даде соодветна здравствена услуга. Направен е нов Ургентен центар, а инвестициите ќе бидат заокружени со тоа што Прилеп оваа година за прв пат ќе добие апарат за магнетна резонанца, со што пациентите нема да мора да патуваат во другите градови. Уште еднаш, честитки за менаџерскиот тим, за сите вработени за сето она што го прават. Овој период, оваа и следната недела се критичните во пикот на болеста. Ние како министерство сме во целосна координација со директорите на болниците на ниво на целата држава, во насока на прераспределба на пациентите, согласно тежината на клиничката слика“, нагласи министерот Филипче.

Во своето обраќање, премиерот Зоран Заев потенцираше дека заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, дојдоа во Прилеп за да ја дадат целосната поддршка на општинските власти и на здравствените работници во болницата и во градот, во справувањето со пандемијата со КОВИД-19. Истовремено, тој напомена дека во земјата веќе пристигнаа околу 70.000 вакцини, кои се проверени и меѓународно тестирани.

„За поздравување е одлуката на Општината да го редуцира бројот на автобусите на јавниот превоз, како и поставувањето на Ковид штандови на влезовите на градскиот пазар со средства за дезинфекција. Вчера во земјата пристигнаа и првите 20.000 дози од вакцината „Спутник В“ како прва количина од вкупно 40.000 дози од двете компоненти на оваа вакцина, и заедно со претходно пристигнатите вакцини од нешто повеќе од 70.000 дози, го овозможуваме континуитет на веќе почнатиот процес на имунизација, како и побрз почеток вклучување на повеќе лица од најкритичните групи наши граѓани согласно нашиот Национален план за имунизација. И денеска ги охрабрувам граѓаните масовно да ја следат постапката за вакцинирање и да бидат во контакт со своите матични лекари за да го осигураат својот термин за вакцинација. Вакцините се здрави, проверени, меѓународно тестирани и граѓаните ќе ги примат оние вакцини кои одговараат на нивната старосна група и на нивната здравствена состојба. Колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател пандемијата од КОВИД-19“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …