Во прилепската болница пуштени во употреба новиот Ургентен центар и реновираното Акушерско одделение

Во присуство на премиерот Оливер Спасовски, министрите за здравство и за транспорт и врски, Венко Филипче и Горан Сугарески и градоначалникот Илија Јованоски, денеска во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп беа пуштени во употреба новиот Ургентен центар и реновираното Акушерско одделение.

Во своето обраќање, премиерот Спасовски истакна дека денешниот настан има посебна вредност за граѓаните и општината, особено во актуелните услови на здравствена криза со КОВИД-19.

„Мора секогаш да бидеме добро подготвени, да имаме добро опремени јавни здравствени установи, најдобри услови за работа на докторите и на целиот друг медицински персонал, за да бидеме сигурни дека граѓаните ќе ја имаат најдобрата здравствена услуга во нивната средина. Иницијативата и потребата од отворање на Ургентниот центар постои 15 години и мене ми е особено драго што токму во овој период ја крунисавме завршницата на изградбата и опремувањето на Ургентниот центар. Неговата намена е за вршење прегледи и тријажа, како и за третман на итни пациенти. Опремен е со ЕКГ и ЕХО апарати, дефибрилатор, 3 пациент-монитори, инфузиони пумпи и други апарати неопходни за првата, ургентна интервенција. Во изминатиот период, од 2017 година наваму, извршени се реновирања на делови од здравствената установа во кои ништо не било инвестирано од денот на нејзината изградба, а набавена е опрема во износ од над 50 милиони денари“, изјави премиерот Спасовски.

Тој потсети дека во последните 3 години, посебен приоритет имаат инвестициите во стручниот лекарски и медицински персонал, што резултираше со историски рекордно високи примања на здравствените работници. Спасовски нагласи дека здравствената криза со пандемијата ја покажала важноста на здравствениот систем, што пак во целост ги оправдува заложбите на Владата за негово надградување.

На крајот на своето обраќање, во име на Владата, но и во негово име како премиер, до граѓаните на општина Прилеп и до градоначалникот Јованоски, Спасовски упати јасна порака:

„Владата, како и досега, ќе стои цврсто во поддршка на проекти кои ќе значат подобрување на животот на граѓаните на општина Прилеп. Ние денеска тоа можеме да го зборуваме со силен кредибилитет, заради тоа што оние проекти кои што ги ветивме, каков што е овој, болницата прв пат по основањето да има Ургентен центар, и во наредните месеци и години ќе продолжиме да ги реализираме“.

Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека со последната инвестиција, прилепската болница станува врвна европска институција.

„Да се инвестира и да се направи Ургентен центар, е навистина значајна работа, затоа што сите пациенти од регионот можат навремено и сосема соодветно да добијат здравствена заштита. Кога на едно место се има експертизата на искусните лекари специјалисти, кои што работат заедно и ги едуцираат младите специјализанти и кога веднаш тука е рентген одделението каде се врши дијагностика, значи дека пациентот добива соодветна здравствена услуга, се прави тријажа и понатаму се распределува во некое од другите одделенија од болницата. Целосно е реновирано и Гинеколошко-акушерското одделение, со што родилките од целиот регион ќе имаат пријатен престој во целосно реновирани простории, со нови автоматизирани кревети, соби со посебен тоалет“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

Министерот за здравство потсети на огромните инвестиции кои Владата ги започна и спроведе во изминатите 3 години. Тој нагласи дека во последните две години во прилепската болница се вработија над 20 лекари, а само минатата година 15 млади лекари од болницата добија специјализација.

„Сакам да им честитам на сите вработени во болницата, на директорот, на колегите лекари, на медицинските сестри и помошно техничкиот персонал, за несебичната и пожртвувана борба со вирусот КОВИД-19. Третирајќи ги најтешките пациенти и така стоејќи напред во борбата против нашиот непријател, после која сум сигурен дека на крајот ќе бидеме победници“, потенцираше Филипче.

„Се гордеам со Општата болница ‘Борка Талески’, затоа што 35 години од моето работно искуство го поминав токму во неа.Точно знам што значи да се има, или да се нема Ургентен центар во некоја здравствена установа. Навистина сум радосен и среќен што од денес тоа го имаме во нашата болница. Се гордеам и со фактот дека целосно е реновирано и Акушерското одделение, што значи дека родилките и новородечињата ќе имаат подобри и посовремени услови. Ургентниот центар е од круцијално значење за нашата болница и за граѓаните од општина Прилеп.

Благодарност до сите доктори и целиот медицински персонал, за се’ она што во овие три месеци направија во битката со вирусот КОВИД-19. Огромна благодарност и до работници од другите здравствени установи, од Центарот за јавно здравје, Здравствениот дом, Итната медицинска помош, како и до сите матични лекари и стоматолози, кои во изминатите три месеци застанаа на браникот во битката со вирусот и во заштита на здравјето на сите граѓани од општина Прилеп и од поширокиот регион. Пред три месеци, Прилеп беше еден од критичните и ризичните градови, со најмногу заразени и за жал неколку починати наши сограѓани. После сите преземени адекватни мерки од страна на Општинскиот кризен штаб, заедно со сите здравствени установи и јавни претпријатија од нашиот град, ја надминавме таа состојба и од еден ризичен град каков што бевме пред три месеци, сега сме во една релативно добра ситуација, во која дневно имаме по еден или ниту еден заразен“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Првиот човек на општина Прилеп упати благодарност до граѓаните за почитувањето на мерките за заштита од Ковид-19, а се осврна и на најавите кои преку социјалните мрежи ги упатија одредени кафулиња од градот, за организирање на забави во текот на вечерните часови од утрешниот ден, при што ја повика полицијата да ги преземени сите неопходни мерки и чекори и да го спречи одржувањето на таквите настани.

Директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески потенцираше дека петнаесеетина години наназад постои иницијативата за отворање на Ургентен центар во болницата, којшто конечно стана реалност благодарение на заложбите на тимот од болницата и другите надлежни чинители.

„Во Ургентиот центар ќе се примаат сите итни случаи, кои имаат потреба од лекување и каде ќе врши нивната тријажа во делот на утврдување на потребите од понатамошно лекување и дијагностицирање на секој пациент. Во изминатите 6 до 7 месеци набавивме голема количина на опрема: 5 пациент – монитори, 2 дефибрилатори, пулсоксиметри, аспиратори за сукциоинфузиони пумпи, рачен ултразвучен скенер, осцилаторна пумпа за патологија, автоматски рефректометар, дигитални ЕХО апарати, апарати за анестезија, ултразвучен офталмолошки апарат, анализатори за седиментна урина, специјален дигитален рентген апарат, електрохируршки генератор. Набавени се креветчиња за новородени деца, реновирани се сите амбуланти, а поставена е нова ПВЦ дограма во сите амбулантски делови“, потенцираше директорот Богојески.

Богојески додаде дека со сета новонабавена опрема, болницата е спремна за успешна дијагностика и лекување на пациентите, а дека останува уште потребата од апарат за магнетна резонанца, за кој се надева дека во соработка со Министерството за здравство, наскоро ќе биде набавен.

Директорот на прилепската болница упати благодарност до турската компанија „АЛИМ ОРМАН УРУНЛЕРИ“, која донираше електрични кревети, инвалидски и транспортни колички во вредност од околу 50.000 евра, кои ќе бидат наменети за одделенијата каде има интензивна нега.

Градоначалникот Јованоски, заедно со премиерот Спасовски, министерот за транспорт и врски Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Китанов, извршија увид во рехабилитираната и реконструирана улица „Пере Тошев“, поранешна „Самоилова“, во населбата „Точила“. Вкупната должина на улицата, која претставува клучна сообраќајница за овој дел од градот, изнесува 1.400 метра и површина од 10.000 м2.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …