Во прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ доделени наградите од конкурсот „Јелена Крстиќ“

Вчера во просториите на СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп, со почитување на мерките за заштита од Ковид-19, беа доделени наградите, сертификатите и благодарниците на учениците -учесници на онлајн реализираниот конкурс „Јелена Крстиќ“, организиран во спомен и чест на нашата ученичка Јелена Крстиќ.

Настанот се одржа благодарение на ангажираноста на директорката на училиштето Петра Лукароска, спонзорот за наградите-компанијата „Комфи Ангел“, родителите на прерано починатата ученичка, членовите на активот по текстилство -професори во текстилно-кожарската струка и професорката по Ликовна уметност, Марта Макеска.

Оваа година за прв пат се додели Гран при наградата „Јелена Крстиќ“. Наградата, која како финансиска помош ја иницираа родителите на нашата Јелена, заслужено и’ беше доделена на ученичката од завршната година на образование од текстилно-кожарската струка, Марија Станојовска. Марија е креативна и талентирана ученичка, која себеси се гледа како иден дизајнер.

Тоа беше сон, кој за жал на Јелена не и’ се оствари – нагласија родителите на Јелена Крстиќ и им се заблагодарија на организаторите и на талентираните ученици, во чии цртежи и дела ќе живее споменот на нивната ќерка.

Освен добитникот на Гран при наградата, Марија Станојовска, беа доделени и следните награди:

Прва награда: Антонио Ѓурчиноски

Втора награда: Симона Стомнароска

Трета награда: Михаела Ванчева

Конкурсот на тема „Современа облека инспирирана од делата на познати сликари“, покажа дека во СОУ „Ѓорче Петров“ има талентирани ученици кои со љубов творат, креираат, прават комбинации на материјали и техники за да постигнат ефектни дела.

Настанот како традиционално случување ќе продолжи и во идните години, со цел да го поттикне и промовира уметничкиот талент на учениците, креативноста, да даде до знаење дека естетиката и дизајнот на облеката се многу важни сегменти за современиот човек и да не поврзува со Јелена, чиј креативен лет трагично и прерано заврши.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …