Во присуство на министерот Спасовски, одржан првиот состанок на Локалниот совет за превенција на општина Прилеп

Локалниот совет за превенција на општина Прилеп денеска го одржа првиот состанок, на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. После разгледувањето на севкупната состојба во градот на основа на податоците добиени од страна на Полициката станица од општа надлежност – Прилеп состанокот со кој претседаваше градоначалникот Илија Јованоски, беше заклучено дека безбедносната состојба во Прилеп е стабилна.

Градоначалникот Јованоски истакна дека на првата седница на Локалниот совет за превенција се дискутирало за безбедносната состојба во градот, пред се’ заради настаните кои што се случија во градот во последните десетина дена. Имајќи ја во предвид важноста на ова прашање, на состанокот без поканети да присуствуваат сите членови на Советот на општина Прилеп, но советниците на опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не се отповикале на поканата.

„За жал, советниците од опозицијата не дојдоа, иако денеска беше прилика присуството на министерот да го искористиме да ни одговори на некои прашања кои не’ мачат. Опозицијата излегува на прес конференции, а сега беше вистинско време на институционален начин пред министерот, Локалниот совет за превенција, да прашаат како да најдеме начин да се справиме со сето ова што се случува во нашиот град. На наше задоволство, министерот Спасовски кажа дека во постапка е Полициската станица од општа надлежност во Прилеп, да прерасне во Сектор за внатрешни работи. Драго ми е што министерот и Владата размислуваат за тоа, бидејќи со сиот потенцијал и капацитет, Прилеп заслужува и треба да има Сектор за внатрешни работи“, изјави градоначалникот Јованоски.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека на основа на претходната средба одржана во Полициската станица и добиените информации, безбедносната состојба во градот и мирна и стабилна, дека нема елементи на нејзино нарушување, што значи дека граѓаните на Прилеп можат да бидат спокојни.

„Ние многу скоро ќе излеземе со информации, се преземаат низа активности кои ќе ги дадат очекуваните резултати, како и поврзаноста на овие случувања со некои други случувања, со некои групации и слично. Тоа е најважно. Ние како тим, заедно со полициската станица и Јавното обвинителство работиме заедно, преземаме мерки и овие настани ќе се расчистат до крај. Меѓутоа, таква борба против криминалот и корупцијата мора да продолжи и во иднина, да биде интензивна и неселективна. Имаме големо подобрување во делот на активностите на полето на намалување на криминалитетот и зголемување на откривачката дејност, споредбено во однос на трите последни години. Таква тенденција имаме и сега, но тоа треба да ни биде само мотив и во иднина да работиме уште повеќе, за да вакви или слични инциденти се сведат на најниско можно ниво. Апелирам до граѓаните да имаат соработка со полицијата и да ги пријавуваат настаните, да соработуваат со полициските службеници, бидејќи без добра и искрена соработка со службениците кои работат на одреден настан, тогаш или изостанува или доцни ефикасната реализација на тој настан“, напомена Спасовски.

Исто така, министерот Спасовски потенцираше дека од исклучителна важност во справувањето со криминалот и корупција е соработката со граѓаните, пријавувањето на заканите од нивна страна, бидејќи никој не смее да биде над законот и над државата, од причина што таа е задолжена да се грижи за безбедноста и мирот. Затоа, како што истакна Спасовски, во функција на превенирање и откривање на настаните какви што се случија во Прилеп, издадени се сериозни насоки за понатамошно заедничко делување на Општината и Полициската станица.

Главната цел на Локалниот совет за превенција, е градење доверба и подобрување на партнерството помеѓу институциите, локалната самоуправа и граѓаните. Тој претставува форма за градење на безбедна средина за живеење на локално ниво, преку препознавање на локалните проблеми и градење на локални стратегии за решавање на проблемите со адекватно вклучување на сите надлежни субјекти.

Постојани членови на Локалниот совет за превенција се:

  • Градоначалникот на Општина Прилеп, којшто заседава со седниците на Советот за превенција
  • Претседателот на Советот на Општина Прилеп
  • Командирот на Полициската станица во Општина Прилеп
  • Раководителот на организациската единица за криминалистички работи
  • Секретарот на Општина Прилеп, којшто е воедно и секретар на Советот за превенција и ќе води записници од сите седници.

Непостојани членови на Локалниот совет за превенција, односно членови кои ќе присуствуваат на седниците врз база на темата и проблемот што се разгледува, се следните претставници од институциите на локално ниво:

  • Раководителите за безбедност и сообраќај при полициската станица Прилеп,
  • Претставник од Дирекцијата за заштита и безбедност
  • Раководителот на Протипожарната единица
  • Претставници од Јавното обвинителство и Основниот суд
  • Претставник од образовните институции во Општината
  • Раководителот на Подрачната канцеларија за земјоделие
  • Претседатели на Урбани и месни заедници во Општината
  • Невладини организации кои работат на различни проблематики
  • Други субјекти кои се релевантни за проблемот што се третира

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …