Во сенка на екстрадицијата: Груевски го нападна Филков

Во сенка на екстрадицијата: Груевски го нападна Филков

Додека Министерството за правда ги комплетира документите со кои повторно ќе се побара екстрадиција на поранешниот премиер во бегство Никола Груевски,тој од Будимпешта упати порака до министерот за правда Игор Филков да ги истражи, како што вели, злоупотребите и монтираните судски процеси водени против него.

Груевски, кој по бегството од земјата доби политички азил во Унгарија, за првпат се огласи на социјалните мрежи со коментар по најавите за ново барање за негова екстрадиција, по промените на власта во Будимпешта.

Во објава на Фејсбук, тој директно го критикува министерот Филков, наведувајќи дека наместо собирање информации од судовите, треба да ги истражи „злоупотребите, незаконските постапки и политички мотивираните судски процеси“ од периодот на претходната власт.

Обвинувања кон СДСМ и Заев

Во тој контекст, Груевски упатува серија обвинувања и до поранешниот премиер и екслидер на СДСМ,Зоран Заев, тврдејќи дека за време на неговото владеење бил вршен системски политички притисок врз правосудството. Тој наведува дека сведоци биле уценувани, адвокати под притисок да се повлечат, а обвиненијата се темелеле на, како што вели, лажни претпоставки.

Груевски детално се осврнува на предметите за кои беше осуден или сè уште се водат постапки против него, меѓу кои „Насилство во Центар“, „Плацеви на Водно“, како и случајот со набавката на блиндираното возило и автопатот Кичево–Охрид.

Тој тврди дека пресудите се донесени под политички притисок, додавајќи дека судовите одбивале да ги сослушаат предложените одбрани и сведоци.

Министерство за правда
Никола Груевски од Будимпешта упати порака до министерот за правда Игор Филков да ги истражи, како што вели, злоупотребите и монтираните судски процеси водени против него

Што се случува со екстрадицијата?

Во меѓувреме, Министерството за правда го комплетира досието за екстрадицијата на Никола Груевски, откако од судовите беа побарани сите релевантни информации кои би можеле да влијаат на постапката.

Министерот Игор Филков пред неколку дена изјави дека се очекува формирањето нова влада во Унгарија, по што македонските институции ќе ја известат официјална Будимпешта за интересот за случајот со Груевски.

Идниот унгарски премиер Петер Маѓар најави дека Унгарија нема да биде „депонија за странски криминалци“ и дека ќе се преиспита статусот на Груевски.

Транспарент за Никола Груевски во Унгарија, 19.11.2018
Идниот унгарски премиер Петер Маѓар најави дека Унгарија нема да биде „депонија за странски криминалци“ и дека ќе се преиспита статусот на Груевски

Според СДСМ, Христијан Мицкоски сега сфатил дека мора да го апси и Никола Груевски за да си ја обезбеди власта. „Со исполнувањето на овие два услова: внесување на Бугарите во Уставот и апсењето на Груевски – Мицкоски сака да си создаде подобра слика пред Европа и да се претстави како ‘човек кој е за ЕУ’“, соопшти партијата.

Доколку биде вратен во земјата, Никола Груевски треба да одлежи затворска казна од десет и пол години за предметите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“. Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“.

Извор: DW