Во Собранието денеска предлог-законот за АВМУ

Во Собранието денеска предлог-законот за АВМУ

На 38-та седница во Собранието на Република Македонија денеска, покрај другите точки, пратениците треба да расправаат и за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

По девет месеци од првите активности за донесување нов закон, кој треба да донесе департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис, односно Македонската радиотелевизија (МРТ), и регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и неколку измени на текстот, постапката влегува во завршница. Досега беа одржани две јавни расправи и неколку консултации во организација на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Меѓу побитните измени се тие што членовите на Советот на ААВМУ,  за разлика од досега, ќе бидат професионално ангажирани во Агенцијата и ќе добиваат месечен надоместок во висина од најмногу четири просечни месечни плати исплатени во Македонија. Притоа ќе имаат петгодишен мандат, со право за избор во уште еден мандат, наспроти сегашното решение за седумгодишен мандат. Советот ќе може да покренува прекршочна постапка против медиуми или оператори на јавни електронски комуникациски мрежи.

Предлог-законот забранува и емитување програми кои, освен загрозување националната безбедност или поттикнување на насилно уривање на уставниот поредок или на оружен конфликт, содржат дискриминација или шират нетрпеливост и омраза по која било основа.

Исто така, програмата на радијата и телевизиите во текот на еден ден ќе мора да вклучува 30 отсто програма изворно создадена како македонско дело, а за МРТ тој процент ќе изнесува 40 отсто.

Законот го поставува финансирањето на МРТ, ААВМУ и ЈП Македонска радиодифузија на од 0,7 до еден отсто од државниот буџет. Нивото од еден отсто ќе стане правило од 2021 година.

Од државните пари, 74,5 отсто ќе одат за МРТ, 19,5 за Македонска радиодифузија, а шест отсто за агенцијата. МРТ и понатаму ќе може да емитува платени комерцијални реклами.

Со предлог-законот се укинува можноста за реклами од државните тела по пат на нетранспарентни постапки и постапки со исклучоци и се оневозможува појавата Владата да биде доминантен огласувач во медиумите.

Телевизијата од јавниот радиодифузен сервис ќе има најмалку еден канал на македонски јазик, еден канал на албански јазик и еден канал за останатите националности, додека Радиото ќе мора да има два канала на македонски јазик и еден на албански јазик и на јазиците на останатите етнички заедници.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Наративите на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски се главно проблематични и кокетираат со невистини

Поентата што сака да ја постигне противничката партија е дека Пендаровски, всушност, не е човек …