Вирусот африканска чума и официјално е потврден во Србија во близина на белградската општина Младеновац, изјави денеска српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ. Тој додаде дека се преземени сите превентивни мерки за да се спречи ширењето на вирусот. Како што прецизираше, вирусот се појавил на три точки во три села во околината на Младеновац и токму затоа денеска е донесена одлука да се прогласи областа околу Младеновац во радиус од три километри за заразна.
Недимовиќ за Радио-Телевизија Србија (РТС) изјави дека се подготвени упатства за земјоделците и ловците за борба против инфекцијата и дека на терен постојано ќе бидат ветеринарните служби.
“Морам да кажам дека дел од свинското месо сепак ќе може да се извезува затоа што се термички се третира. За овој дел што не се обработува термички потпишав наредба со која ќе се изврши регионализација на Србија. Таа подразбира дека од подрачјето на заразената област нема да може да се врши извоз на месото, а останатите области се слободни“, рече Недимовиќ.
Според него, Србија прво мора да докаже дека таму нема болест, а потоа и без проблеми, во договор со Светската организација за здравје на животните и ЕУ, овие области стануваат слободни и извозот може да оди.
Извор: Радио Слободна Европа