Во Струмица завршена изградбата на становите за социјално ранливи категории на граѓани

Во Струмица завршена изградбата на становите за социјално ранливи категории на граѓани

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, денеска извршија увид во завршената станбена зграда за социјално ранливи категории на граѓани во Струмица.

Министерот Сугарески најави дека во текот на следната недела Министерството за транспорт и врски ќе распише јавен повик за распределба на 37 станови за најранливите групи на граѓани во Струмица.

„Владата посветува особено внимание на ранливите категории на граѓани и заеднички работиме и правиме се’ што е во рамките на нашите можности и надлежности за да им обезбедиме подобар живот. Согласно критериумите, на јавниот повик ќе можат да се јават само социјално загрозени лица и тоа:  деца без родители, корисници на социјална помош, лица погодени од елементарни непогоди, инвалидни лица, самохрани родители со малолетни деца, слепи лица корисници на социјална помош и припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени. Огласот ќе трае 30 дена, а сите документи ќе можат да се достават до Центарот за социјални работи во Струмица“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски истакна дека зградата ги задоволува сите енергетски стандарди и најави дека во тек се повеќе проекти од овој тип.

„Очекуваме во многу скоро време да биде ставена во употреба и зградата во Гостивар, а исто така веќе имаме започнато и со постапка за избор на Изведувач на зграда со 312 стана во општина Бутел. Очекуваме на почетокот на февруари договорот да биде потпишан и да започне изградбата.

Паралелно работиме на подготовка за проектирање на вакви згради на 5 локации низ Македонија, а во постапка за избор на Изведувач се и проектите за изградба на социјални станови во Пробишип и Неготино“, изјави директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски нагласи дека Општината е партнер на сите проекти што ги реализира Владата.

„Покрај оваа зграда наменета за социјално ранливи категории на граѓани, која е изградена од страна на државата, работиме и на неколку други проекти со кои имаме за цел да го подобриме животот на нашите граѓани, како што се изградбата на градинки, канализациони и водоводни системи и слични проекти“, изјави градоначалникот на општина  Струмица, Коста Јаневски.

Досега во земјава изградени се 17 станбени згради со вкупно 772 социјални стана наменети за ранливите категории на граѓани.

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …