Аплицирањето трае до утре, 5 ноември
Во тек е нов повик за остварување на правото на субвенциониран оброк за оние студенти кои не успеале да го остварат ова право на претходните повици. Аплицирањето трае до утре, 5 ноември.
Аплицирањето се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, а на повикот можат да се пријават сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, апликантите треба да ги исполнуваат и следните услови:
-да не се во редовен работен однос;
-да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и
-да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
При поднесувањето на апликацијата, студентите задолжително пополнети и потпишани ги прикачуваат и обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк.
МОН по службена должност ги обезбедува сите останати докази за исполнетост на условите, а кои ги поседуваат МВР, АВРМ, УЈП и студентските служби на факултетите.
Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, може да се обрати до Секторот за ученички и студентски стандард преку следниот контакт: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на министерството.
Секој месец, од 1-ви до 5-ти во месецот, МОН ќе објавува нов повик за остварување на правото на субвенциониран оброк за сите студенти што претходно не се стекнале со ова право.