Утре, среда 3 октомври во 12.30 часот, во  галеријата од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на графики од уметницата Симона Јакимовска, која ќе се претстави со 25 дела.

Еве што за изложбата вели историчарот на уметност, Роберт Цветковски:

„Претставувањето на еден млад уметник кој допрва ги вградува своите постигнувања во комлексот наречен македонската уметничка сцена, е задача којашто се реализира со задоволство,  пред сè, поради фактот утврден во изминатите години а тоа е потребата од внесување на еден нов дух, пристап и енергија во креирањето на графичко-цртачкото творештво, со што би се доближиле до актуелните случувања во регионот од оваа област. Новите пристапи  генерирани од влијанието на дигиталните технологии направија сериозни поместувања во однос на графичко-цртачката продукција во која, во голема мерка, се користи компјутерот како алатка за финална реализација на проектираните дела.

А, кога сме кај владеењето на  традиционалните графичко-цртачки техники, со право можеме да констатираме дека Симона Јакимовска е претставник на младата генерација ликовни творци, којашто многу вложила во својата едукација и како резултат на тие напори ја има слободата на избор на широк спектар на техники во кои може да ги изрази своите идеи. Благодарение на своето непосредно опкружување но и искуствата од партиципирање во работата на повеќе ликовни проекти и групни изложби, како и на континуираното себенадградување коешто сè уште трае, реализираните трудови на Симона Јакимовска делуваат како изведби направени без некој посебен напор и кои, трансферирани од  специфичните творечки замисли на авторката, се впиваат во графичките листови за да бидат сведоштво на инвенцијата и инспирацијата на една младешка енергија и дух – денес многу потребни  елементи на заспаната македонска ликовна сцена.

Изложбата содржи графики и цртежи работени во периодот од последните неколку години и ја отсликуваат моменталната тематско-техничка окупираност на Симона Јакимовска. Од приложеното на прв поглед можеме да констатираме хетерогеност во тематско-изразна смисла, што говори дека процесот на интроспекција и себепозиционирање е во тек што, пак, е вообичаено за млад автор којшто трага по својот ликовен израз. Она што е константа кај Симона Јакимовска е нејзиното разбирање на веќе усвоениот графички јазик којшто се изразува преку линии, точки, боени површини, “објекти“ ставени во определени композициско-просторни контексти и сето тоа заедно се дава, навидум, како една апстрактна претстава којашто добива смисла и логика со самиот наслов на делото“.