Во водата во Гостивар сѐ уште има бактерија

Во водата во Гостивар сѐ уште има бактерија

Водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна,но сѐ уште не смее да се користи за пиење и подготовка на храна поради присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa. Иако водата е оценета како технички исправна, надлежните посочуваат дека сѐ уште претставува ризик да се користи за пиење.

Опозициската СДСМ бара истрага и одговорност од институциите, откако Гостивар веќе неколку недели е без питка вода.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов вели дека според последните анализи во водата за пиење е детектирано присуство на Pseudomonas aeruginosa.

„Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање бидејќи се опасни за здравјето, особено за луѓето со ослабен имунитет. Можат да предизвикаат инфекции на кожата, очите и ушите,како и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Карактеристично за нив е што покажуваат висока отпорност на голем број вообичаени лекови и антибиотици“, изјави Ангелов.

Ангелов: Водата е технички исправна, но не е за пиење

Одговарајќи на новинарски прашања дали водата и понатаму е технички исправна ако содржи бактерија која може да предизвика инфекции, Ангелов посочи дека според стручните лица од ‘Водовод’ Скопје, водата е технички исправна.

Министерот Панче Тошковски, како раководител на Управувачкиот комитет, на 27 јули во Гостивар соопшти дека водата може да се користи за технички потреби, вклучително и за капење.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве повика на трпение. „Очекувам многу скоро граѓаните да добијат, покрај вода којашто ја користат за технички потреби, и вода за готвење и за пиење“, рече Мицкоски.

Во меѓувреме секојдневно се земаат разни примероци и се испитуваат. Според изјавите на министерот за здравство, Сашо Клековски, потребни се три последователни тестирања кои ќе покажат дека водата е безбедна. Во тој случај Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ја повлече забраната за употреба на водата за пиење.

Жени во Гостивар носат флаширана вода 21 јули 2026
Жителите на Гостивар повеќе од две недели немаат питка вода

Продолжува хиперхлорирањето на водата

Според Ангелов, анализите покажуваат подобрување на состојбата со водата, но процесот на хиперхлорирање продолжува бидејќи во одредени примероци сѐ уште има бактерии. За потребите на граѓаните на Гостивар се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода.

„Едната цистерна е од ТППЕ Гостивар, една од Бехтел и Енка, а една од Општина Боговиње. Досега по двапати беа испратени до граѓаните, а се планира да се реализираат уште по две тури дотур на вода“, изјави Ангелов во понедленикот (3 август).

Тој додаде дека дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар.

Даниловски: Еден позитивен наод не е доволен за конечна процена

Епидемиологот Драган Даниловски нагласува дека микробиолошките наоди мора да се толкуваат внимателно и во поширок контекст. Според него, еден изолиран позитивен микробиолошки наод сам по себе не е доволен за да се донесе конечен епидемиолошки заклучок.

„За правилна епидемиолошка и јавно-здравствена проценка неопходно е да се анализираат повеќе параметри. Треба да се земат предвид локацијата од која е земен примерокот, потврдата на наодот преку повторени лабораториски анализи и времето на земање на примероците во однос на спроведеното хиперхлорирање“, наведува Даниловски во објава на социјалните мрежи.

Тој додава дека е потребно да се анализираат резултатите од сите точки на водоводниот систем, вклучувајќи ги изворот, резервоарите и периферните делови на мрежата, како и да се споредат со реалната епидемиолошка состојба на терен.

„Точни епидемиолошки заклучоци можат да се донесат само со поврзување на сите овие информации“, истакнува Даниловски.

СДСМ бара истрага и одговорност

Во меѓувреме, СДСМ побара Јавното обвинителство да отвори истрага за случајот со водата во Гостивар и да ја утврди одговорноста на надлежните институции.

„Повторно ново ветување. Повторно неисполнето. Повторно водата не е чиста. Владата сѐ уште нема доставено официјален документ со кој се потврдува дека водата што граѓаните на Гостивар ја користат повеќе од една недела е технички исправна“, наведуваат од СДСМ.

Оттаму тврдат дека единствената потврда за исправноста досега била јавна изјава на премиерот Христијан Мицкоски и оценуваат дека граѓаните не добиле доволно информации за ризиците.

„Денес официјално е потврдено присуството на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која може да има сериозни последици по здравјето на луѓето. За ова мора да има одговорност“, се наведува во реакцијата.

СДСМ бара институциите да ги утврдат сите околности поврзани со состојбата на водата во Гостивар и да утврдат евентуална одговорност доколку биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Сообраќаен хаос во Тетово: Печалбарите дојдоа, Касами вели градот нема полицајци за да работи пајак-службата

Слично како и претходните години, и оваа година со доаѓањето на печалбарите во последните два …