Во второто тримесечје на 2020 година, во екот на пандемијата на ковид-19 во земјава, банките укажуваат на значително нето-намалување на побарувачката на вкупните кредити на секторот „домаќинства“, наспроти малото нето-зголемување во претходната анкета, покажува најновата анкета на Народната банка за кредитната активност за периодот април-јуни 2020 година, пишува МЕТА.
Имено, околу 58 отсто од банките укажале на значително намалување на кредитната побарувачка, наспроти претходната анкета кога ниту една банка не се изјаснила на овој начин.
„Нето-намалувањето на кредитната побарувачка во вториот квартал е спротивно од очекувањата на банките во претходната анкета за нето-зголемување. Во третиот квартал, банките очекуваат нормализирање на побарувачката за кредити од страна на домаќинствата, при што се очекува нејзино нето-зголемување“, велат од Народната банка.
Инаку, во вториот квартал на 2020 година, банките укажуваат на натамошно нето олеснување на вкупните кредитни услови кај кредитите на домаќинствата, коешто е поизразено во споредба со претходната анкета.
Притоа, поголемиот процент на банки (околу 73 отсто) укажуваат на олеснети кредитни услови кај сите типови кредити на домаќинствата, наспроти околу 26 отсто во претходната анкета.
„Воедно, околу 17 отсто од банките укажуваат и на заострување на кредитните услови, за разлика од претходната анкета, кога ниту една банка не укажа на ова. Нето-олеснувањето на кредитните услови во вториот квартал е посилно во однос на очекувањата од претходната анкета. Во третото тримесечје, банките очекуваат нето-заострување на кредитните услови“, велат од Народната банка.
Од аспект на поединечните кредитни услови, кај каматната стапка на кредитите за домаќинствата и понатаму се забележува нето-олеснување, коешто е значително поизразено во однос на претходната анкета. Кај останатите кредитни услови и натаму се забележува нето-олеснување на провизиите на станбените кредити, додека кај обврските за обезбедување и достасување на заемите на потрошувачките кредити, се забележува нето-заострување, наспроти нето-олеснувањето во претходната анкета.