Водоснабдувањето во Прилеп нормализирано, водата стигнува и до највисоките делови од градот

И покрај исклучително ниската дарежливост на изворот Студенчица и малите количини на вода кои доаѓаат од регионалниот водовод, сепак, со континуиран ангажман на екипите на ЈКП „Водовод и канализација“, водата стигнува и до највисоките зони во градот.

Како што истакна на денешната прес конференција директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, постојат повеќе можности за водоснабдување на градот, и тоа со собирање на водата од Студенчица во коморите кои имаат капацитет од 8.070 м3, тука се трите бунарски постројки, како и водата акумулирана од изворите околу езерото. Јанески нагласи дека ниската зона во градот никогаш нема проблем со водоснабдувањето и дека со таков проблем се соочуваат жителите од високите делови на градот, односно од населбите Варош, горниот дел од Точила, Тризла и Рид, каде минатата недела се јавија сериозни проблеми во доставените количини на вода.

„Мора да кажам дека за прв пат во функционирањето на ЈКП ‘Водовод и канализација’, успеавме да најдеме начин од бунарите преку водоводната линија од Точила, да доставиме вода до стариот резервоар лоциран блиску до пречистителната станица, чија намена беше да ја складира третираната вода од вештачкото езеро. Ставивме во употреба препумпна станица од тој резервоар и донесената вода ја импутиравме во кружната цевка Ф-400, која ја носи водата до високата зона. На овој начин се стабилизира водоснабдувањето и во овој момент целиот град и секое домаќинство има доволно количини на вода. Верувам дека ова ново искуство ќе биде предуслов и во иднина, кога ќе има вакви кризни хидрометеоролошки ситуации, градот да се снабдува со вода“, потенцираше директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Во моментов, дарежливоста на изворот Студенчица изнесува 510 л/сек, што е блиску до најниското ниво забележано во постоењето на регионалниот водовод од 493 л/сек. Денеска од регионалниот водовод „Студенчица“ за Прилеп доаѓаа 130 л/сек. Од ЈКП „Водовод и канализација“ истакнуваат дека водата од градската водоводна мрежа е исправна за пиење.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …