„Водовод и канализација“: Водоснабдувањето во Прилеп стабилизирано, рестрикции нема да има

„Водовод и канализација“: Водоснабдувањето во Прилеп стабилизирано, рестрикции нема да има

Со ставањето во функција на бунарите, неколкудневните проблеми со водоснабдувањето на Прилеп се надминати. Водата е бактериолошки исправна и стигнува до секое семејство во градот. Рестрикции нема да има.

Ова се поентите од денешната прес конференција на директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, Емил Јанески кој ја информираше јавноста за чекорите кои ги презеде јавното претпријатие за надминување на проблемите кои се јавија со водоснабдувањето на градот, како и за моменталната состојба со количините на вода кои им стојат на располагање на жителите на Прилеп.

„Енормно е намалена издашноста на изворот ‘Студенчица’ и таа во моментов е под 600 литри во секунда. Од тие причини, ја подигнавме мобилноста на јавното претпријатие на највисоко ниво, последните денови постојано бевме на терен и вршевме манипулација на вентилите и пренасочување на водата, со цел таа да стигне до сите граѓани, во секој дел од градот. Навечер собиравме вода во коморите, ја ставивме во употреба бунарската постројка ‘Кишовица – Орушица’, во овој момент ја вклучуваме и постројката ‘Бегова ливада’, а вршиме припреми за вклучување и на ‘Кошарка’. И во следните денови, нашите екипи постојано ќе бидат на терен со цел да доставиме доволно вода до секое семејство“, истакна Јанески.

Првиот човек на прилепски „Водовод и канализација“ упати апел до граѓаните за штедење на водата, да се избегнуваат наводнувања на бавчите, миење на дворовите и секое друго нерационално трошење на водата од градскиот водовод.

Јанески информираше дека количините на вода кои доаѓаат од „Студенчица“ се варијабилни и во зависност од денот, се движат од 135 до 220 литри во секунда, 60 литри се обезбедуваат од бунарите и 22 литри од изворите. Водата која доаѓа навечер се складира во коморите, а целокупната вода која во текот на денот доаѓа од регионалниот водовод, се пренасочува во високите зони од градот. Во овој момент, рече Јанески, не постои дел од градот кој има проблеми со вода.

По однос на исправноста на водата за пиење, директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ нагласи дека таа е бактериолошки исправна, а заматеноста која може да се јави се должи на мешањето на бунарската и водата од регионалниот водовод „Студенчица“, кои во цевоводот се судираат под различен притисок.

„Пред да добиеме дозвола од Центарот за јавно здравје дека водата е исправна за пиење, бунарските постројки не ги ставаме во функција. Водата е целосно исправна за пиење, но нејзиниот квалитет не е ист како на водата од ‘Студенчица’. Заматувањето е последица на мешањето на водата од бунарите и онаа која доаѓа од регионалниот водовод, кои под различен притисок се судираат меѓу себе. Дополнително, во бунарската вода внесуваме хлор што исто така може да влијае за нејзина заматеност. Водата која во Прилеп доаѓа до секое семејство, е целосно исправна“, потенцираше Јанески.

Прочитајте повеќе

Новите министри седнуваат во фотелјите, Мицкоски ја презеде премиерската функција

Новите министри седнуваат во фотелјите, Мицкоски ја презеде премиерската функција

Игор Филков ја презеде функцијата министер за правда, Муцунски ќе патува за Луксембург, додека премиерот …