Токму кога оптимистите поверуваа дека американско-израелската војна со Иран само што не почнала да губи на интензитет, едномесечната криза со нов пресврт. Во еден момент американскиот претседател Доналд Трамп го предупредува Техеран дека „нема да има враќање назад“ од ескалирани американски напади, а следниот ги одложува заканите за втор круг напади врз иранските енергетски постројки. Во меѓувреме Иран дозволува мал број бродови да минат низ Ормускиот Теснец, додека негира дека се водат какви било реални преговори за прекин на огнот. Повеќето експерти се согласни околу една клучна работа, имено дека колку подолго трае конфликтот, толку поразорно ќе биде влијанието врз светското снабдување со енергенси, инфлацијата и економската стабилност. Секоја дополнителна недела на прекини ги зголемува трошоците за потрошувачите и бизнисите, додека растот се забавува. Централната банка на Далас, дел од американскиот централен банкарски систем, месецов предвиде дека затворањето на теснецот за еден квартал или подолго, ќе предизвика забавување на глобалниот раст на БДП за 2,9 проценти во вториот квартал од годината. Кога и да се отвори Ормускиот Теснец преку кој се одвива транспортот на 20 проценти од нафтата што се тргува на глобално ниво, брзината со која ќе се обнови производството на нафта и гас и транспортот со танкери, ќе влијае на тоа колку брзо глобалната економија ќе може да се опорави.
Обезбедување на Ормускиот Теснец
Бродските компании тешко дека ќе продолжат со премин низ стратешкиот воден пат сè додека премиите за осигурување не се намалат во значителна мера и не се воспостави веродостојна мултинационална мисија за поморска придружба. Тоа потенцијално може да вклучува бродови на американската морнарица, воздушни патроли и бродови за расчистување на мини. Европските сојузници на НАТО, меѓу кои и Германија, Франција и Обединетото Кралство, сигнализираа подготвеност да се приклучат на патролите откако ќе престанат борбите. Јапонија, Австралија, Јужна Кореја, Канада, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин исто така мошне веројатно ќе учествуваат во мисијата. Чистењето на мините во теснецот би можело да трае околу две недели, јавува Блумберг цитирајќи ја Џенифер Паркер, вонреден професор на Институтот за одбрана и безбедност на Универзитетот во Западна Австралија.
Откако мореузот ќе биде безбеден за пловидба, заостанатите околу 1.900 заглавени бродови од кои половината пренесуваат нафта, течен природен гас или други хемикалии, би можеле во рок од неколку дена до неколку недели да минат низ теснецот, под услов да се реши проблемот со недостигот на екипаж. „Во овој момент во суштина е трка до пазарот“, вели за ДВ Адитија Сарасват, директор за истражување (Блиски Исток и Северна Африка) во норвешката аналитичка фирма „Ристад Енерџи“. Тој додава дека расчистувањето на заостанатите бродови ќе им даде на производителите од Заливот „еден месец тампон“ за да го зголемат производството, но логистичките проблеми ќе останат. Пред војната околу 130 до 140 бродови дневно се движеа низ теснецот, но нивниот број веројатно ќе биде значително помал сè додека се потребни поморски патроли.
Постепено рестартирање на производството на нафта и гас
Покрај повторното отворање на теснецот, на производителите во Заливот ќе им бидат потребни гаранции дека безбедносната состојба е стабилизирана во нивните производствени постројки. Дури и во случај на брз мировен договор, аналитичарите сметаат дека рестартирањето на производството на нафта и гас би можело да потрае неколку недели. „Делумно затворено [нафтено] поле во просек бара околу две до три недели за рестарт“, вели Сарасват, осврнувајќи се на некои извори кои работат со редуциран капацитет. „Кај целосно затворени и до еден и пол месец“, вели тој. Сарасват вели дека колку подолго нафтени и гасни постројки останат неактивни, толку потемелни ќе бидат инспекциите за одржување пред рестартирање. Зголемувањето на производството на нафта и гас е како враќање во живот на стар автомобил откако бил паркиран со месеци. Мора внимателно да се проверат и поправат цевки, пумпи, постројки за преработка и рафинерии од ‘рѓа, блокади, оштетувања од вода и безбедносни аспекти. Според Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) најмалку 40 критични енергетски постројки во Заливот се „сериозно или многу сериозно оштетени“ од иранските напади. Енергетските аналитичари предупредуваат дека некои објекти, особено постројките за течен гас се соочуваат со поправки кои може да траат и години. Катар вели дека пна остројката Рас Лафан, најголемиот центар за производство и извоз на течен гас во светот, можеби ќе ѝ требаат до пет години за целосно да ја обнови дејноста. Пред големата штета од иранските напади, Катар снабдуваше околу една петтина од светскиот ликвиден гас. Околу 17% од извозниот капацитет на земјата од Персискиот Залив сега долгорочно ќе недостасува на пазарот. Откако нафтата и гасот повторно ќе почнат да течат, производителите постепено ќе го зголемат производството до целосните капацитети и ќе ги решат сите преостанати проблеми во рафинериите и цевководите за што може да бидат потребни уште неколку недели до неколку месеци, велат аналитичарите.
Рестартирање на производството на ѓубрива
За постројките за производство на ѓубрива ќе бидат потребни слични безбедносни контроли пред да се рестартира производството за да се помогне за глобалното обезбедување со храна, кое веќе е загрозено од вртоглавите цени, што земјоделците ги принудува да ги намалат основните хранливи материи во почвата. Заливот е клучен снабдувач со азотни ѓубрива, сочинувајќи околу 40% од глобалната уреа што се транспортира по морски пат и една четвртина од извозот на амонијак.

Арапските земји од Заливот се главни производители на две состојки што се користат во производството на фосфати. Според Џош Линвил, потпретседател за ѓубрива во американската фирма за финансиски услуги СтоунИкс, фосфатот би можел да се покаже како попроблематичен од азотните ѓубрива заради и онака веќе високите трошоци за производство. „Дури и ако се подобри снабдувањето не мислам дека може да се справиме со многу поголемо намалување на цените пред [производителите на фосфати] да го прекинат производството затоа што нема да работат со загуба“, вели Линвил за Јутуб каналот на компанијата.
Во меѓувреме транспортот со контејнери на стока произведена во Заливскиот регион и од Азија до Европа, е исто така сериозно нарушен заради блокадата на Ормускиот Теснец. Во мега-пристаништето Џебел Али во Дубаи, најголемиот центар за претовар на Блискиот Исток, бродскиот сообраќај значително е намален од 28 февруари, според операторот ДП Ворлд. Карго бродовите што пловат во правец на Европа треба да ја надминат и пречката Баб ел-Мандеб, на јужниот влез во Црвеното Море. Теснецот е отворен, но го избегнуваат повеќето големи бродски компании заради обновените закани од Хутите, кои уживаат поддршка од Иран. Бунтовниците, со седиште во Јемен, извршија напади врз бродови во 2023 и 2024 година поврзани со израелската војна во Газа. Многу превозници услугите ги пренасочија кон Ртот Добра Надеж во јужна Африка, што значително го успорува транспортот и го прави многу поскап. Германскиот институт за светска економија од Кил, пресмета дека земјите од Заливот, вклучувајќи го и Иран, имаат најголем глобален удел во извозот на 50 клучни неминерални производи, меѓу кои и челик, сирови дијаманти, злато во прав и алуминиумски легури во вредност од околу 773 милијарди долари годишно.
Дури и кога теснецот ќе се отвори и производството во Заливот ќе почне да се зголемува, глобалните последици по економијата нема преку ноќ да исчезнат. Потрошувачите брзо ги почувствуваа ефектите од повисоките цени на нафтата на бензинските пумпи, додека недостигот на бензин и дизел штотуку почна да се чувствува низ Австралија, Азија и Африка. И други критични синџири на снабдување со ѓубрива до стоки за широка потрошувачка, ќе се соочат со недостиг во следните неколку недели. „Веднаш се почувствуваа промените во цените, логистичките нарушувања пак ќе станат порелевантни [во текот на следните 2 до 3 месеци]“, вели за ДВ Петер Климек, директор на Институтот за снабдувачки синџири во Австрија. Доколку глобалното производство мора поради војната да се намали, Климек предупредува од „сценарио на стагфлација“ со високи цени, зголемена невработеност и слаб економски раст, за кој вели дека може „да потрае уште подолго да се реши“.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место