Волкот сѐ уште се смета за штетник и е легална мета за чие убивање се добива и награда

Волкот во земјава сѐ уште се смета за штетник. Тој е еден од трите крупни ѕверови кои ги населуваат нашите планини, покрај мечката и рисот, и кој има најмала заштита. Ова животно сѐ уште е легална мета, за чие убивање се добива и награда, иако домашните еколошки здруженија апелираат дека неговата популација опаѓа. Се проценува дека во моментов во нашите шуми живеат нешто над 400 волци, кои освен со дозволата за ловење, се соочуваат и со низа други закани, а една од нив е и хибридизацијата со кучињата.

Според актуелниот закон за ловство, волкот заедно со лисицата, куните, ласиците и повеќе други животни и птици, е животно без никаква заштита. За разлика од дивечот под заштита, за овие животни не се утврдува ловостој ниту привремена или трајна забрана за лов. Законот, за уништен штетен дивеч предвидува и награди кои ги утврдува Министерството за земјоделство. Конкретно, за волкот наградата е 50 евра.

„Законот мора да се промени и ловот на волкот да биде ограничен со ловостој бидејќи популацијата во земјава постојано опаѓа“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

Посочува дека трајната заштита не е добро решение, што веќе еднаш се докажало во праксата, но ограничувања на ловот на одредени периоди мора да постои. Потребно е да се утврдат и квоти кои ќе ограничат во кој обем може да се дозволи отстрел и кои ќе зависат од точната бројка на волци во ловиштата. Меловски вели дека мора да се применат пософистицирани методи на пребројување, како генетското пребројување, бидејќи е многу веројатно дека досега се случувале голем број преклопувања во пребројувањата меѓу ловиштата, бидејќи волкот живее на големи територии.

„Ние сме можеби меѓу последните држави во Европа каде волкот е штетник и отстрелот не е ограничен, а притоа има и награда, што дополнително е мотивација за убивање на волците, и за ловџиите и за сточарите“, вели Меловски.

Еден од најголемите проблеми во напорите за заштита на волкот, според Меловски, е отворената промоција на ловен туризам и привлекување на странски ловџии во земјава, што мора веднаш да запре. Тој вели дека немањето никакво ограничување поттикнува и организирање хајки бидејќи странските ловџии само во земјава имаат ексклузивна можност да уловат волк.

Волците се приспособливи и населуваат повеќе типови живеалишта како шуми, шибјаци, тревни живеалишта, пасишта, копнени води и степести предели, а повремено можат да се сретнат и близу човечки населби. Повеќето податоци за присуството на волкот во С. Македонија потврдуваат дека ова животно претпочита шуми, а понекогаш ги посетува и низинските земјоделски површини близу селата. Се проценува дека на територија од околу 100 квадратни километри живеат 2,2 вакви единки.

Според Војо Гоговски, државен советник за шумарство и ловство во Министерството за земјоделство, пак, популацијата на волкот во земјава е околу 400 единки и е стабилна. Тој посочува дека популацијата на ова диво животно во земјава е една од поголемите во Европа и дека се одржува подолг период наназад. Пребројувањето се врши редовно, на секои десет години или ако има потреба и почесто, во рамките на секое ловиште во земјата.

„За крупниот и за ситниот дивеч постои методологија за прибирање на податоци за бројноста која е прифатена секаде во Европа и кај нас. Може да се врши пребројување или проценка на бројката и врз основа на тоа се прави годишна динамика на прираст. Доколку има потреба, на пет години или пократко, може да се направи ревизија на планските документи“, вели Гоговски.

Во новиот закон за ловство кој се подготвува, веројатно е дека нема да се смени статусот на ова диво животно, ниту пак ќе биде укината наградата за негов отстрел. Во еден период волкот бил заштитен, но Гоговски вели дека тогаш состојбата станала алармантна. Страдал домашниот добиток, а бидејќи сѐ уште немало обврска за обележување со ушни маркици, наместо реалните бројки, за обесштетување од државата се пријавувале многу повеќе угинати животни.

„Нема некој што повеќе од нас размислува за заштита на волкот. Вистинските ловци водат навистина добра грижа за животните. Популацијата е стабилна, а тоа е така бидејќи се води грижа и за дивечот што е негова храна. Но, бројката мора да се одржува на одредено ниво. Досега не е сретнат случај паричната награда да биде мотивација за убивање, туку тоа најчесто е заштита на домашниот добиток. Тврдам дека кај нас не постои класичен лов на волк“, вели Гоговски.

Еколошката организација „Еко свест“ неодамна, на Светскиот ден на волкот, апелираше да направиме сѐ што можеме за волците да останат во нашите шуми, каде што припаѓаат. Екологистите сметаат дека и покрај тоа што модерниот начин на живот често нѐ носи во конфликт со волците, тие се неопходни и бесценети во задржувањето на балансот на екосистемите. Нивното влијание како предатори го менува однесувањето на останатите животни, ги штити шумите од паразити и со тоа дури ги штити и реките од ерозија и оштетување.

„Волкот во земјава е ставен во категоријата близу загрозен вид. Причина за тоа е што се смета за штетен дивеч, па поради тоа се организира комерцијален лов во текот на целата година, а со новите инфраструктурни проекти се фрагментираат неговите живеалишта. Според официјалните проценки, над 400 единки живеат и во нашата земја, но неговата популација не се следи редовно“, посочуваат од Еко свест.

На светско ниво волкот e заштитен преку три меѓународни конвенции, Вашингтонската конвенција (CITES- Convention on International Trade in Endangered Species of Wild Fauna and Flora), Анексите II, IV и V од Директивата за живеалишта на ЕУ, а наведен е и како строго заштитен вид во Анекс II од Бернската конвенција.

Светската унија за заштита на природата (IUCN) го класифицира како „најмалку загрижувачки“ во Европа, бидејќи иако е загрозен или ранлив на национално ниво во неколку земји, на европско ниво се зголемува и по број и по опсег. Сепак, волците сè уште легално се ловат во голем број европски земји кои не се членки на Европската унија, вклучувајќи ги Русија, Белорусија, Украина, С. Македонија и Албанија, а убивањето волци се продава и како туристичка атракција. Ограничен легален лов се врши и во Финска, Норвешка, Литванија, Латвија, Естонија, Бугарија, Романија и Словачка.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …