„Имајќи ја во предвид целокупната ситуација со пандемијата на Коронавирусот, Општина Прилеп продолжува со нови локални мерки, во правец на заштита на здравјето на граѓаните од нашата општина“, соопшти на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.
„Од денеска, практично од овој момент, воведуваме телефонска линија со број 048/401-700, на која стари, болни, изнемоштени и возрасни лица со хронични заболувања, како и лица со посебни потребни, секој ден од 8 до 18 часот, ќе можат да побараат помош за набавка и достава на намирници за храна, лекови и други средства за лична хигиена и дезифенција.
Паралелно, работиме на обезбедување бесплатна телефонска линија која ќе биде во функција од утре и објавена во текот на утрешниот ден.
Акредитирани волонтери од општина Прилеп, опремени со заштитни средства, после телефонскиот повик, ќе ги посетат граѓаните во нивните домови и со средства од граѓаните, ќе ги набават потребните артикли од маркети и аптеки по избор на самите граѓани и ќе ги достават во нивните домови.
Целта е да ги заштитиме најранливите категори на граѓани од коронавирусот и да се намали можноста да бидат изложени на ризик од заразување и што помалку да излегуваат од нивните домови.
Со оваа мерка, помагаме да се намали протокот, односно движењето на старите, болни, изнемоштени и хронично болните лица во градот, во маркетите и аптеките.
Апелирам, граѓаните кои не спаѓаат во овие категории, да не ја злоупотребуваат телефонската линијата.
Истовремено, како градоначалник на општина Прилеп, упатувам апел до сите маркети и маалски продавници од општината, да се подготват за онлајн нарачка и достава на артикли до граѓаните во нивните домови.
Исто така, апелирам на повисока општестевна одговорност и сакам јавно да ги повикам стопанствениците и бизнисмените од нашиот град, во овие моменти на справување со Коронавирусот, да им излезат во пресрет на социјално-ранливите категории на граѓани, преку донирање на прехрабени артикли и средства за хигиена и дезинфекција“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.
Првиот човек на Прилеп, повторно упати апел до граѓаните од општината, да се однесуваат свесно, совесно и одговорно и да ги почитуваат препораките што секојдневно ги носат Министерството за здравство и Владата.