Волонтерите на Општина Прилеп повеќе од 70 денови непрекинато работат во служба на граѓаните

Пишува: Зоран Милошески

Волонтерската служба на Општина Прилеп беше формирана веднаш после почетокот на кризата со КОВИД-19 и за целиот овој период, без ниту еден ден одмор, во континуитет им стои на услуга на граѓаните на Прилеп.

Младите волонтери се вклучени во сите акции за делење на заштитни маски, дезинфекциони средства, хуманитарни пакети со прехранбени производи и средства за хигиена, кои од прогласувањето на вонредната состојба во државата, Општина Прилеп ги организираше во голем број. Сепак, нивна приоритетна задача е да им помогнат на старите и изнемоштени лица, на болните и лицата со инвалидитет, кои во новонастатаната состојба имаат потреба од асистенција во нивното секојдневно функционирање.

Значењето на волонтерската служба особено дојде до израз за време на спроведувањето на најрестриктивните мерки за заштита од коронавирусот, во продолжените викенди кога полицискиот час непрекинато траеше и до 85 часови. За целото тоа време, волонтерите им беа во секој момент достапни на ранливите категории на граѓани, пазарејќи им од маркетите и аптеките се’ што во тие моменти им беше неопходно: прехранбени производи, средства за лична хигиена, лекарства… И така речиси седумдесетина дена.

Последните дваесетина денови, секоја вечер од 22.00 до 24.00 часот, волонтерите ги посетуваат пунктовите на кои дежураат полициските службеници во време на траење на полицискиот час, како и здравствените работници во Итната медицинска помош. За сите нив чаша сок, кафе, чај, вода и малку муабет со желби вечерта да им помине со што помалку интервенции.

Изминатите неколку денови, волонтерската служба посветено и трудољубиво работеше на распределба на 150 пакети со прехранбени производи, наменети за самохрани родители – корисници на гарантирана минимална помош, акција која Општина Прилеп заеднички ја организираше со донаторите, маркетите „Тинекс“, компанијата „Викторија Тобако“ и „Систина офталмологија“.

Прилеп отсекогаш имал причина да биде горд на своите граѓани. Бојан, Илија, Деспина, Миле, Мартин, Димитар, Кирил, Евгенија, Мики, Симеон, Дарио, Филип, Леонардо… се дел од волонтерската служба на Општина Прилеп, кои ја продолжуваат низата на знајни и незнајни херои кои ги изнедрил градот под Марковите кули.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …