ВРАЌАЊЕ ВО ИДНИНАТА

ВРАЌАЊЕ ВО ИДНИНАТА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

На луѓето не можете да им забраните да веруваат во она во што сакаат да веруваат. Колку нам да ни изгледа чудно, глупаво, бесмислено а за некои прашања дури и настрано, сепак до одреден степен тоа треба да го почитуваме. Толку колку што е неопходно.

Откако новото парламентарно мнозинство избра претседател на Собранието, кого во меѓувреме го признаа и му честитаа сите релевантни меѓународни чинители, откако МВР и Јавното обвинителство почнаа да ги идентификуваат и да им поднесуваат какви-такви обвиненија на насилниците кои тепаа пратеници, логично и здраворазумно беше да се очекува постепено нормализирање на состојбите во државата. Ама по којзнае кој пат се покажа дека како народ и држава немаме многу заедничко со логиката и здравиот разум.

Иако неговата улога во смирувањето на тензиите и официјализирањето на новата власт е сѐ уште важна, од причина што покажа дека е тежок политички дилетант и маргиналец недостоен за внимание, Хорхе воопшто и ќе го нема во приказната. Освен со една реченица: до крајот на неделава, без многу натегања и драмолетки, оваа трагикомична фигура ќе му го додели мандатот на Заев.

Ако новото парламентарно мнозинство е реалност а формирањето Влада прашање на денот, тогаш после настаните од 27. април се постави прашањето на смислата од опстојувањето на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“? Се разбира, без намера било кому да му го оспорам правото на протест и на искажување незадоволство од одредени состојби во државата, причините заради кои протестите своевремено започнаа, после изборот на собраниски спикер и после сѐ што се случуваше во законодавниот дом, станаа анахрони.

Тоа што Богдан Илиески алијас Бетмен Велит, преку ноќ “излезе“ од ликот на Че Гевара, беше јасен сигнал оти трубачот ќе труби повлекување. Истото значење го имаше и откажувањето па пишманењето на Дурлоски, како и многу други показатели кои станаа особено видливи после насилството во македонското Собрание. Се разбира, тоа не го видоа сите. Едни заради политичката неукост и “слепило“, други затоа што не сакаа да “прогледаат“.

Излегувањето на улица на дел од приврзаниците на ДПМНЕ во голема мера се должеше на нивното одбивање да се соочат со вистината. Други сѐ уште веруваа дека нешто може да се смени. Трети пак воопшто и не знаеја што се случува во државата, туку, како и многу пати претходно, излегоа по налог на партиската врхушка. Четврти тоа го направија за пари и друг вид бенефит, а имаше и такви кои беа убедени оти татковината навистина им е нападната, оти е загрозена унитарноста и оти државата ќе се федерализира и кантонизира. Тоа што истите тие појма немаа кој тоа ја „нападнал“ Македонија, што не им е познато значењето на термините „унитарност, федерализација и кантонизација“, не им беше многу важно. Оти исто како што претходно ги “бранеа“ буџетот и Уставниот суд, така сега беа на “браникот“ на татковината.

Ама толку беше. Манипулацијата со “широките народни маси“ имаше свој век на траење. Сега доаѓа отрезнувањето, осознавањето на вистината и сознанието дека во оваа држава ништо повеќе нема да биде исто. Што за едни е добра, но за други лоша вест. И затоа откажувањето на бесмислените протести и постепеното враќање на вообичаените животни текови, за “обичниот“ простосмртник претставува значаен чекор кон враќањето во иднината.

За инспираторите и нарачателите на протестите тешките денови допрва доаѓаат. Разобличувањето на лажниот патриотизам како параван за стекнување богатство и моќ, вистината за пустошењето на државата, уништените човечки животи, изгубената перспектива на младите генерации, соочувањето со правдата и изрекувањето на (пре)заслужената казна, е она што нив допрва ги чека.

Ама тоа не е сѐ…

На одењето во Идризово ќе му претходи сметката која ќе им ја испорачаат разочараните, изманипулирани, изиграни и низ вода пуштени партиски членови на новата опозиција. Разврската нестрпливо ја чека и една друга подеднакво голема група идеолошки вмровци, за кои актуелните високите државни и партиски функционери, централното партиско раководство како и раководства на Општинските комитети ширум државата, се најобична збирштина од преоблечени комуњари, либерал-демократи, социјалисти, алтернативци, кариеристи, материјалисти…различни, а сепак сите исти.

Поинаку, впрочем, и не можеше да биде. Оти ѓаволот, порано или подоцна, секогаш доаѓа по своето.

Автор:

Чеге Вара                                           Прилеп, ебаго!…….(150)                  

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …