Враќање во Херсон – слики од ослободениот град

Враќање во Херсон – слики од ослободениот град

Херсон со месеци беше окупиран и градот дури од неодамна повторно е под контрола на Украина. Дописникот на ДВ Ихор Бурдига потекнува од Херсон – опишува како го доживеал враќањето во својот град.

Во Херсон не сум бил една година. Дури и во мирни времиња, бев возбуден кога се враќав по подолго време. А сега мојот роден град е –дом среде војна.

Во средината на ноември  украинската војска го ослободи Херсон,  а руските сили се повлекоа на другиот, левиот брег на реката Днепар. Граѓаните оттогаш секој ден ги гушкаат украинските војници, бараат од нив автограми, но и стојат во редици за вода и за хуманитарна помош. Учат како да се сокријат од артилериски оган и раскажуваат како живееле во текот на речиси девет месеци окупација.

Пат кон дома преку редица контролни пунктови

Херсон останува затворен град, пристапот е ограничен. Војската и полицијата велат дека тоа се „мерки за стабилизација“. За новинари и хуманитарни работници влез и излез е дозволен само со воена придружба.

На автопатот до соседната регионална престолнина Миколајев, има сѐ повеќе возила: се формираат колони од камиони со храна, гориво, агрегати за струја и хуманитарна помош. Патот на некои места е бомбардиран и обиколните неасфалтирани патишта по ледениот дожд се тешко проодни. „Драги пријатели, каде сте тргнале? Таму е полно со кал“, вели постара жена во селото Киселивка, покажувајќи на заглавен поштенски камион.

Остатоците од познатиот Антоновски мост, најголемиот во Херсон, уште се протегаат преку Дњепар. Руските трупи се повлекоа преку мостот на крајот на октомври и го дигнаа во воздух додека заминуваа. Еден графит напишан претходно потсетува на руската „победа“, посвежи написи го навредуваат окупаторот. Ако таму се задржите на отворено, макар и кратко, на вас ќе пукаат од другата страна на брегот. Таму се вкопани  руските војници,  во близина на градот Олешки.  Украинските војници  од блискиот контролен пункт се кријат под мостот и ни советуваат што побрзо да продолжиме натаму.

Украина Херсон војна
Обиколка на ослободениот Херсон со панцирен елек

Во заштитен елек во родниот град

Жителите на Херсон живеат меѓу радоста поради ослободениот град и стравот од нова фаза на војната. Украинскиот град е во непосредна близина на фронтот.

Но, како што велат војниците, тоа не го сфаќаат сите. Нема функционален систем за предупредување од воздушни напади, нема безбедни засолништа. А руската војска пука на Херсон од другиот брег на реката. Експлозии сѐ почесто одекнуваат и во урбаните средини. Погодени се објекти на цивилната инфраструктура, воени и станбени објекти. Меѓу цивилите има веќе мртви и ранети.

Во меѓувреме, во Перекопска улица, двајца мажи го кинат плакатот од голем билборд кој ја велича руската анексија. Русите излепиле такви плакати низ цел град. „Имаме барем уште седум дена работа“, вели еден од мажите.

Јури Савчук внимателно ги свиткува деловите од плакатите. Тој е директор на музејот посветен на Украина во текот на Втората светска војна. Савчук се вратил во Херсон по ослободувањето и сега бележи сѐ што е поврзано со оваа вона. „Извршив веќе 50 разговори“, гордо вели историчарот.

Луѓето всушност сакаат да зборуваат. Речиси секој спремно ја раскажува својата приказна за отпорот. Серхиј Анатолијович, пезиониран лекар, се нуди да ни го покаже „мачилиштето“ кое го држеле руските окупатори. Тоа се наоѓа во некогашниот центар за заробеници, едно од местата каде руската управа ги затворала противниците на режимот. На влезот има полицајци, а внатре истражителите ги документираат трагите на мачење. Оттаму во изминатите месеци наутро се слушала руската химна, а затворениците биле принудувани да ја пеат, раскажува жената која работи во соседната продавница. „Навечер се слушаа страшни крици„, вели таа. По ослободувањето, некој на вратата напишал: „Слава на Украина и на нејзините вооружени сили.“

Украина војна Херсон
Отстранување на руските пропагандни плакати во Херсон

Предупредувања за мини во градското подрачје

Пред да се повлече,  руската војска минирала многу куќи.  Одредите за деминирање сега се во многу јавни згради, дури и во градската библиотека, каде била сместена тајната руска служба СБУ. Полициската станица не можела да биде целосно евакуирана и поради тоа Русите ја дигнале во воздух.

Руската војска при повлекувањето дигнала во воздух и други инфраструктурни објекти. Во градот не функционира системот за снабдување со вода и нема струја. Луѓе со канти и шишиња стојат во редици кај приватни бунари. Мобилните комуникации и интернетот постепено се враќаат. Старлинк терминали биле испорачани во првите неколку дена по ослободувањето.

Русите го дигнале во воздух и телевизискиот антенски столб во Херсон. Прво го окупирале, за да оневозможат прием на украинската телевизија. Сега Владимир, постар човек во маскирна јакна, го чува она што останало од столбот. Владимир има дискус хернија, но не сака да оди во болница. „Ако мене ме нема, кој ќе се грижи за ова овде? Овде има вредна опрема, метали. Не дозволувам некој тоа да го украде“, вели тој.

Владимир раскажува дека пред руската инвазија во предградие на Херсон се пријавил во територијална одбрана. Потоа ги известувал украинските сили за движењето на руските трупи кон стратешки важниот аеродром во близина. „Клечев на гробишта и се преправав дека ја оплакувам својата жена“, вели. „Сѐ бележев и го проследував до нашите украински извидници. Им реков дека во продавницата има два вентилатори и пет месни конзерви. Тоа беше наша тајна шифра за хеликоптери и транспортери“, раскажува Владимир.

Украина Херсон војна
Жителите на Херсон се зависни од пратки со хуманитарна помош

Редици за сѐ

Снабдувањето во Херсон уште не е целосно овозможено. Жителите го поминуваат времето во редици за вода, за пристап кон интернет или за издавање украински СИМ-картички. На Плоштадот на слободата е прославен првиот ден од ослободувањето. Уште има концерти секој ден, но мнозинството луѓе сега порадо се одлучува да застане во редица за да добие бесплатни животни продукти, хигиенски артикли, храна, топла облека и лекови.

Во продавниците има уште дел руски производи, главно пијалок или цигари, но сѐ помалку. Продавачите велат дека од октомври нема веќе испораки.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ураганот „Милтон“ стигна на Флорида (Видео)

Ураганот „Милтон“ стигна на Флорида (Видео)

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида. Невремето се заканува да предизвика огромно уништување. …