Временските талкачи постер

„Временските талкачи“ се вратија на ХБО со втора сезона на норвешката научнофантастична серија

Во текот на викендот, телевизиската мрежа ХБО (HBO) на љубителите на научна фантастика им приреди ретко задоволство со дообјавување на втората сезона на норвешката серија „Временски талкачи“.

Серијата создадена од Ане Бјорнстад и Еилиф Скодвин, во соработка со режисерот Јенс Лиен, ја следи класичната формула за креирање фантастика, преку уметничко истражување како „реални“ луѓе би се однесувале кога во нивниот живот би се појавил одреден фантастичен елемент. Во случајов тој елемент е појава на луѓе од минатото кои преку некој непознат процес масовно доаѓаат во сегашноста.

Таквите луѓе се наречени „временски талкачи“ или на англиски „beforeigners“, комбинација на зборовите „before“ – пред и „foreigners“ – странци. Во серијата се користи и терминот „timigrants“ – временски мигранти.

Се работи за три групи луѓе според временскиот период: од праисторијата – од пред околу 10.000 години, времето на викинзите – од пред околу 1.000 години и од XIX век – од пред околу 100 и кусур години. Секоја од овие групи соодветно е третирана како различна култура, иако дел од луѓето од различни периоди може да се роднински поврзани.

Во првата сезона гледачите имаат прилика да се запознаат со овој изменет свет од гледна точка на главните ликови – современиот полицаец Ларс Халанд и неговата нова колешка Алфхилдр Енгинсдотир, првата жена од викиншката ера што ги положила сите испити за да стане полицајка, во импресивна изведба на норвешкиот актер Николаи Клеве Брош и финската актерка Криста Косонен.

Во богатата галерија на ликови се појавуваат и верзии на историски личности, како кралот Олаф II Харалдсон или Св. Олаф заради заслугите за ширење на христијанството, бунтовниот пагански викинг Торир Кучето, како и ликови кои реферераат на личности од нивното време, како Хенрик Ибзен.

Серијата на многу интелигентен начин, комбинира суптилен хумор, ги третира прашањето на човекови права, правична застапеност, родова еднаквост, интеграција на мигрантите. На пример, праисториските луѓе имаат вредносен систем кој е погоден за организирирање мафија, додека дојденците од викиншко време со себе го носат и меѓусебниот верски конфликт, меѓу припадниците на старата многубожна вера и христијанството.

„Временски патници“ може да е интересна не само за љубителите на научна фантастика туку и за љубителите на историјата, особено оние заинтересирани за приказни за викинзите како стриповите „Принц Валијант“ од Хал Фостер или „Торгал“ (Thorgal) од Ван Хаме и Росински. Во серијата има скоро идентична сцена на онаа од првата епизода на Торгал, кога викинзи наоѓаат дете бродоломец и му даваат презиме Егирсон според богот на морето.

Втората сезона нуди неколку испреплетени приказни, од потрага по убиец на жени кој ги употребува методите на лондонскиот деветнаесеттовековен Џек Мевосек, махинациите поврзани со политиката и наследството на старовремскиот крал кој станува јутјубер, како и почеток на разоткривање на мистеријата на патувањата низ времето.

Оригиналната верзија на норвешки нуди посебен квалитет поради напорот на авторите на серијата да ја пренесат атмосферата преку создавање три „нови јазици“ односно верзии на норвешкиот каков што би го зборувале луѓе од деветнаесеттиот век, од средниот век – врз основа на старонордискиот јазик, како и од средното камено време. Тоа опфаќало создавање различен речник или сленг за секоја култура, одредување различни акценти за што била ангажирана екипа докторанти по лингвистика од Универзитот во Осло.

Дополнително е создаден и цел речник на модерни зборови кои настанале во рамки на модерниот свет под влијание на мигранти од минатото.

Дел од таа атмосферата може да се искуси и преку англиската верзија (недостапна во Северна Македонија) каде при преводот oд норвешки е користен англиски сленг од XIX век. Еквивалентен пристап кој не е применет кај македонскиот превод би бил користење на јазикот од приказните на Цепенков за дојденците од XIX век и говор проткен со црковнословенски или старословенски јазик за средновековната култура.

За оние кои уште повеќе ќе се заинтересираат за старовремските култури, на официјалниот веб-сајт Beforeigners.com има низа пригодни написи, меѓу кои и рецепти за ферментирање викиншка медовина, средновековна чорба со коприви или печен крап на праисториски начин.

Секоја сезона на „Временски талкачи“ има по шест епизоди. ХБО за сега нема објавено кога и дали ќе продолжи со снимање нови сезони. Иако секоја сезона генерално може да се гледа и како заокружена приказна, многу прашања остануваат отворени со простор за многу нови епизоди.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …