Втор ден од научниот собир за Марковите Кули

Втор ден од научниот собир за Марковите Кули

Денеска се одржува вториот дел од дводневниот меѓународен научен собир на тема „Биогеографската целина Маркови Кули: Природни содржини и културни вредности“, кој е во организација на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, со поддршка на Општина Прилеп. Во тие рамки се одржа презентација на проектот „Маркови Кули – заштита и делување“, кој е дел од Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, финансирана од ЕУ а спроведена од УНДП.

Директорот на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Бранислав Ристески, вели дека заради зголемениот обем на посетители, Марковите Кули се изложени на разни девијантни појави, заради што е неопходна нивна заштита.

„Марковите Кули се место каде што се развива рекреативен туризам, каде што се одржуваат спортски настани и активности: пешачење, болдеринг, параглајдерство, ултрамаратон и слично. Зголемениот обем на посетители и развојот на туризмот, неминовно предизвикува Марковите Кули да бидат изложени на неконтролираната експлоатација и деградација, преку штетни човечки практики, вклучувајќи неконтролирано депонирање на ѓубре, уништување на биодиверзитетот, обиди за изградба на нелегални објекти и слични девијантни појави. Се надеваме дека со ваквиот пристап на соработка на институциите, ќе придонесеме кон привлекување на посетители од земјата и странство, за да може да уживаат во природните убавини на Маркови Кули“, истакнува Ристески.

Борче Јанкулоски од Општина Прилеп, кој е проектен менаџер на проектот „Маркови Кули – заштита и делување“, нагласува дека интензивно се работи на воведување заштитни механизми и систем на мониторинг, како и на информирање на посетителите за начинот на користење на природните реткости.

„Имплементирајќи го овој проект, Општина Прилеп во соработка со Институтот за старословенска култура, презеде конкретни чекори за да го подобри управувањето со заштитеното подрачје. Имено, интензивно работиме на воведување заштитни механизми и систем за мониторинг, мали инфрастуктурни зафати за подобрена пристапност на посетителите, преку подобрено информирање на локалната заедница и посетителите за тоа како да се користат природните убавини, следејќи ги принципите на одржлив развој. Во рамките на проектот се набави опрема со која ќе се изврши инвентаризација и подготовка на бази на податоци за најзначајните биогеографски и културни локации. Исто така, се работи на планот за собирање на отпад, заштита од пожари, ќе се постави видео мониторинг систем, а за подобрување на информираноста ќе се постават патокази и информативни табли и информативни точки. Истовремено се работи и на изработка и заштита на лого на споменикот на природата, брошури, веб страна, виртуелна тура на Маркови Кули, како и останати активности кои ќе го подобрат пристапот и ќе ја подигнат свеста на посетителите и локалното население“, потенцира Јанкулоски.

После завршувањето на научниот собир, рефератите од излагањата на учесниците ќе бидат публикувани во научното списание на Институтот за старословенска култура, 47/2.

Прочитајте повеќе

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за …