Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски е заедничкиот кандидат на партиите од владејачката коалиција за претседател на Северна Македонија. Премиерот Заев говори за историска одлука за консензуален кандидат.
Предлогот на СДСМ, Стево Пендаровски да биде заеднички кандидат на претседателските избори, покрај најголемиот партнер во владата, ДУИ, го поддржаа и 20-тина помали коалициски партнери на Социјалдемократите и помалите албански партии во владината коалиција.
На пресконференцијата по состанокот со коалициските партнер, премиерот Зоран Заев оцени дека ова е историска одлука и оти Пендаровски ќе биде претседател на сите граѓани подеднакво во Република Северна Македонија.
Според Заев првпат во земјата различни стојат зад ист надпартиски кандидат- Македонци, Албанци, Срби, Власи, Турци, Роми Бошњаци и сите останати. Тој додаде дека поддршката за Пендаровски мора да ја потврдат органите на сите партии поединечно. Конкресот на СДСМ на кој ќе биде официјализиран претседателскиот кандидат се одржува утре, недела, 03.03.3019 година.
Стево Пендаровски, кој формално не е член на СДСМ, беше кандидат партијата и на претходните претседателски избори, на кои победа за втор мандат извојува Ѓорге Иванов, кој настапи како кандидат на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
На претстојните избори претседателска кандидатка на сега најголемата опозициска партија во земјата е универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова. Албанските опозициски партии Беса и Алијанса за Албанците пак ја поддржаа кандидатурата на поранешниот амбасадор во НАТО, Блерим Река.
Шестите претседателски избори во земјата ќе бидат одржани на 21 април, а доколку ниту еден од кандидатите не победи во првиот круг, вториот круг гласање ќе се одржи на 5 мај. Предизборната кампања официјално започнува на 1 април. Вториот мандат на функцијата на четвртиот македонски претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај годинава.
Извор: DW