Вучиќ потврди дека Груевски заминал во Унгарија преку Србија

Вучиќ потврди дека Груевски заминал во Унгарија преку Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во првата реакција на официјален Белград, рече дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски избегал во Унгарија преку Србија, но пред во Белград да биде доставен потерницата за него. Тој рече и дека Груевски од Македонија во Албанија влегол во придружба на двајца унгарски државјани.

Ова е првата реакција на официјален Белград откако Груевски избега од Македонија за да избегне одење в затвор, иако многу време се шпекулираше дека избегал преку Србија.

Вучиќ синоќа за српската телевизија „Хепи“ образложи дека Груевски од Македонија влегол во Албанија, потоа во Црна Гора и преку Србија, и на граничниот премин „Хоргош“ влегол во Унгарија.

Според српскиот претседател, Никола Груевски на 11 ноември ја напуштил Македонија идентификувајќи се со лична карта и во придружба на двајца унгарски државјани влегол на територијата на Албанија, од каде на граничниот премин „Хани Хоти – Божај“ влегол во Црна Гора.

– Потоа, на 11 ноември нешто по 22.30 часот преку граничниот премин „Гостун“ влегол во Србија идентификувајќи се со лична карта, а на 12 ноември влегол во Унгарија на граничниот премин „Хоргош“, идентификувајќи се со лична карта и пасаван (пропусница) што ја добил од унгарската амбасада во Албанија – рече Вучиќ.

Српскиот претседател порача дека Србија не направила грешка со оглед на ситуацијата и оти не можела да постапи поинаку освен да му овозможи влез и излез на поранешниот македонски премиер од нејзината територија. Се постапувало по закон, рече тој.

– Дури на 13 ноември во 19.35 од Интерпол – Скопје ни се доставува меѓународна потерница. Што очекувате? Да апсиме луѓе за кои не е распишана ниту потрага? А камоли меѓународна потерница? – изјави Вучиќ, велејќи да се постапело така, тоа би било киднапирање.

На прашањето кога последен пат се слушнал со Груевски, Вучиќ одговори дека тоа било за време на немирите во Собранието на 27 април 2017 година, кога Груевски од Виена го молел да апелира за смирување на ситуацијата. Но, како што објасни српскиот претседател, се слушнале и подоцна, во врска со Европските народни партии.

Претседателот на Србија изјави и дека со македонскиот премиер Зоран Заев е воспоставена „нормална комуникација“.

– Србија нема лоши односи со Македонија, тие ни се еден од најблиските народи и добри односи допрва ќе имаме – рече Вучиќ за „Хепи“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …