Вучиќ и Зеленски: Заедно низ политичко минско поле

Вучиќ и Зеленски: Заедно низ политичко минско поле

Украинскиот претседател Володимир Зеленски,  и неговиот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, на денешната средба, сабота (8 август) во Белград, ги очекува излет во политичко минско поле.

Во европскиот печат Србија има имиџ на земја со „проруски ориентации“, поради што, според медиумите, во Киев постои струја која жестоко се спротивставувала на посетата. Од друга страна, сите истражувања покажуваат дека тврдото избирачко тело на Вучиќ навистина е претежно наклонето кон Русија и против влезот во Европската Унија.

Токму затоа е можно средбата во Белград повеќепати да била одложувана, иако најави постоеја. Пред две години во посета дојде првата дама Олена Зеленска, а двајцата претседатели повеќепати се сретнаа и на маргините на светските самити.

За секој случај, Вучиќ пред посетата испрати порака со која како да сака да каже дека станува збор за рутинска средба. „Имаме неколку важни теми. Една е европскиот пат на Украина и Србија, друго прашање е нашата билатерална и енергетска соработка“, изјави тој.

Внимателноста на Вучиќ се должи и на можните претстојни избори на кои, според анкетите, тој има реални шанси по четиринаесет години да ја загуби власта.

Украина Киев 2026 | Самит Украина-Југоисточна Европа со Зеленски, Дан, Фон дер Лајен и Вучиќ
Самитот Украина-Југоисточна Европа во Киев на 15 јули 2026 година

Сепак, очигледно е дека и двајцата претседатели сметаат дека токму сега им е потребна оваа средба.

„На Зеленски му е потребно сè што може да изгледа како некаква шлаканица за Путин. Истото важи и за Европската Унија, која сигурно асистирала при организирањето на состанокот“, вели политичкиот аналитичар Ѓорѓе Вукадиновиќ.

„Вучиќ, пак, има тактика на симулирање максимална кооперативност кон ЕУ, особено по изборите во Унгарија, кога ја виде судбината на Виктор Орбан. Во овој дел од Балканот, Брисел сè уште има доволно и стап и морков, а на Вучиќ не му требаат нивните укори пред следните избори“, додава уредникот на Нова српска политичка мисла (НСПМ).

Гранати како цврста валута

Володимир Зеленски, како воен претседател со мандат на неопределено време, има и поопипливи причини за доаѓањето во Белград.

Србија, иако не се приклучи кон санкциите против Русија, многу рано по почетокот на војната почна да игра со „цврста валута“ испорачувајќи артилериски гранати и друга опрема за Украина преку посредници. Уште во 2024 година, „Фајненшл тајмс“ пресмета дека вредноста на таа воена опрема достигнала речиси една милијарда евра.

Таа јавна тајна сега доби и официјална потврда. Кристофер Хил, американски дипломат со крупен калибар, кој неодамна ја заврши кариерата како амбасадор во Белград, отворено раскажа како ги поврзал украинската војска и српската наменска индустрија.

Српско оружје на саемот за оружје Еуросатори
Српско оружје на саемот за оружје Еуросатори за одбрана и безбедност во Вилпент, во близина на Париз, 11 јуни 2018 година

„Соединетите Американски Држави почнаа да поддржуваат купување значителни количества српска муниција, за која знаевме дека итно ѝ е потребна на Украина“, изјави тој за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Оружјето официјално го купувале земји како Чешка и Полска, а потоа го препраќале во Украина.

Според пишувањето на истиот весник, зад кулисите се зборува дури и за изградба на заедничка фабрика за дронови – украинско знаење, српски работници и капитал од Обединетите Арапски Емирати. Наводно, луѓе од тимот на претседателот Зеленски веќе тајно посетувале можни локации.

„Украина настојува да го зачува и прошири кругот на партнери во Европа, вклучително и држави кои не вовеле санкции кон Русија“, вели Срѓан Мајсторовиќ од белградскиот Центар за европски политики.

„Во исто време, Србија располага со одбранбена индустрија чии производи имаат конкретно значење за украинските воени напори.“

Вучиќ ни таму ни ваму

Иако реторички во Србија опстојува наративот за „православното братство“ со Русија, Кремљ одамна и отворено почна да покажува незадоволство од Вучиќ.

Тоа се гледа во моќната алатка што Русија ја поседува – испораката на гас. Во последно време Србија добива само краткорочни договори за снабдување, што ја зголемува економската неизвесност и го разнишува економскиот модел на Вучиќ, кој се темели на привлекување странски инвестиции преку евтина работна сила и ниски цени на енергијата.

Затоа некои сметаат дека неговото маневрирање меѓу Москва и ЕУ е изнудено, со оглед дека Унијата е далеку најважниот трговски партнер на Србија.

Србија, Белград 2026 | Претседателот Вучиќ на митинг на СНС
Српскиот лидер Александар Вучиќ на митинг на неговата Српска напредна партија (СНС) во Белград на 27 јуни 2026 година

Вукадиновиќ не се согласува со тоа:

„Површните набљудувачи во Србија, а и надвор од неа, потезите на Вучиќ ги ставаат во категориите ‘за ЕУ’ или ‘за Русија’. Но и едното и другото е подеднакво неискрено. Тој едноставно гледа од каде му се заканува поголема опасност и од каде доаѓа поголема корист, со цел вечно да остане на власт.“

А сега за Вучиќ ситуацијата станува жешка.

Студентската листа која се формира, според анкетата на НСПМ, има мала предност во однос на власта. Според истражувањето на Црта (Центар за истражување, транспарентност и одговорност), разликата е дури десет проценти, додека истражувачите блиски до власта тврдат дека Вучиќ и натаму е фаворит. Како и да е, јасно е дека трката ќе биде тесна.

Затоа критичарите на Вучиќ стравуваат од сериозни изборни манипулации. Вучиќ веќе е во полна изборна кампања која се одвива под шатори, со народни веселби во живо на телевизија. Се делат подароци на гласачите, продолжуваат притисоците врз вработените во јавниот сектор, а самиот изборен ден, според критичарите, би можел да биде обележан со „увоз“ на гласачи од Република Српска, „бугарски возови“ и други нерегуларности.

Адут во Брисел?

Критиките кон Вучиќ од Брисел досега беа воздржани и поделени.

Европската Комисија неодамна препорача отворање нови преговарачки поглавја, но тоа беше блокирано од некои земји членки.

„Не е исклучено токму посетата на Зеленски и српската соработка со Киев дел од земјите членки на ЕУ и Европската Комисија да ги искористат во обид да ги продлабочат преговорите со Србија, особено во момент кога геополитичките причини неоправдано ги потиснуваат критериумите од областа на владеењето на правото“, вели Мајсторовиќ за ДВ.

Според Вукадиновиќ, медиумската моќ на власта ќе го ублажи евентуалното негодување кај избирачкото тело поради посетата на Зеленски. А определбата меѓу ЕУ и Русија, иако важна тема во Србија, сега сепак е во трет план.

„Вучиќ по тоа прашање ги пацифираше и своите гласачи и поголемиот дел од политичката сцена“, вели Вукадиновиќ. „Гласачите на Вучиќ се начелно русофили, но тоа е млако, исто како што е бледа и нивната заложба за зачувување на Косово или нивниот национализам. Тие се послушна армија обожаватели на ликот и делото на Александар Вучиќ, а токму тоа беше и суштината на неговите пропагандни операции.“

Колку и да е тоа бледо или не, досегашните средби меѓу Вучиќ и Зеленски секогаш вклучуваа и потсетување дека Украина не ја признала независноста на Косово. А тоа во Србија секогаш е корисно да се спомене

Извор: DW

Прочитајте повеќе

дронови Германија Украина

Започна производството на над 5.000 германско-украински дронови со голем дострел

Официјално започна производството на над пет илјади беспилотни летала со среден и долг дострел наменети …