Вучиќ се повлекува од лидерското место во СНС

Вучиќ се повлекува од лидерското место во СНС

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на синоќешниот митинг наречен „Србија на надежта“ соопшти дека од денеска нема да биде претседател на неговата партија, Српската напредна странка (СНС).

„Ова е последна вечер кога зборувам како претседател на СНС“, рече Вучиќ на митингот во Белград, додавајќи дека на чело на СНС ќе дојде некој друг, а тој ќе биде само „претседател на сите граѓани“, а не и претседател на политичка партија.

Тој најави и дека ќе остане „верен и лојален“ член на СНС.

„Не грижете се, јас не одам никаде. Заедно ќе се бориме за Србија“, рече Вучиќ, а пренесоа српските медиуми.

На синоќешниот митинг имаше автобуси од сите краишта на Србија, но и од Македонија и Република Српска во Босна и Херцеговина, кои пристигнаа во Белград за митингот кој се одржа после неколку масовни протести на опозицијата и на граѓаните против владејачката гарнитура.

БЕСПЛАТНО, ВО ПОЛНИ АВТОБУСИ, СИМПАТИЗЕРИ НА ВУЧИЌ СЕ МОБИЛИЗИРААТ ЗА МИТИНГ ВО БЕЛГРАД

Вучиќ митингот го започна со едноминутно молчење за жртвите од двете масовни убиства што се случија во Белград на почетокот на мај. Тој ја повика опозицијата која ги организира протестите „Србија против насилството“ на дијалог, но порача и дека нема да има привремена влада и промена на власта.

Говорејќи за инцидентите што се случија во Звечан на северот на Косово, Вучиќ рече дека на Косово немало посериозна или поголема криза од оваа во моментот и најави дека денеска, на Советот за национална безбедност, ќе се разговара за она што се случува и ќе се случува на Косово.

Прочитајте повеќе

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Парламентарни избори во Хрватска како вовед во „суперизборната година“

Во Хрватска денеска (17 април) се одржуваат редовни парламентарни избори на кои право на глас …