Вучиќ: Србија е подготвена за дијалог, но косовската страна не е

Вучиќ: Србија е подготвена за дијалог, но косовската страна не е

Во овој момент нема дијалог меѓу Косово и Србија, изјави синоќа претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Белград по средбата со специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. Вучиќ и Лајчак требаше да одржат заедничка прес-конференција, но како што рече Вучиќ потоа се договориле само тој да се обрати до медиумите.

„Го информирав (Лајчак) за што ќе разговарам и дека ќе ја кажам вистината за сè што се случува и какви се намерите на западните сили. Неговиот збор беше важен и не сакав да го ставам во непријатна ситуација“, рече Вучиќ на прес-конференција.

Српскиот претседател реагираше на одлуката на Владата на Косово од 29 јуни за можноста за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички издадени од српските органи на РКС (Република Косово). Тој рече дека „имаме целосна промена на ситуацијата на Западен Балкан и Србија, особено на Косово“.

Вучиќ рече дека Косово и Западот „сакаат да ги убедат Србите да се регистрираат според табличките на РКС“.

„Ако не ги убедат, тогаш ќе им ги украдат возилата“, рече Вучиќ.

Во соопштението на Владата на Косово од 29 јуни се објаснува дека пререгистрацијата на овие возила ќе започне од 1 август и ќе трае до 31 септември.

Усвоено е и упатството за преминување на граничните премини со лични документи издадени од српските власти. Објаснето е дека при влез во Косово сите со лични документи издадени од Србија ќе добијат потврда која ги заменува документите.

Вучиќ рече дека овие одлуки „го подготвуваат протерувањето на Србите од Косово“ и дека одговорот на Србија на тие одлуки ќе биде трезвен.

„Нема да преземаме воени акции, но бараме да не им го одземаат имотот на луѓето и да не ги протеруваат“, рече тој.

Вучиќ рече и дека Србија е подготвена за дијалог, но дека, како што тврди, косовската страна не е.

„Другата страна не сака компромисно решение, туку само ние да се согласиме со она што тие веќе го решиле“, рече Вучиќ, додавајќи дека Косово има поддршка од Западот за своите постапки.

Пред оваа посета на Белград, Лајчак престојуваше во Косово од 27 јуни, каде што рече дека се уште се работи на подготовка на средбата меѓу премиерот на Косово, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Курти и Вучиќ досега се сретнаа само два пати, но нема поконкретен напредок во дијалогот.

Во септември минатата година, Косово воведе реципрочни мерки кон Србија во однос на регистарските таблички, што доведе до ескалација на ситуацијата на северот на Косово, каде локалното српско население две недели ги држеше блокирани премините.

Потоа, двете страни постигнаа привремено решение, односно да се залепат државните симболи на бели налепници. Имајќи предвид дека сè уште не е постигнато конечно решение, режимот на налепници остана на сила.

Косово и Србија водат дијалог за нормализирање на односите од 2011 година, со околу 30 договори досега постигнати, но повеќето не се спроведени на терен.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Студентите во Србија се кренаа: Блокирана зградата на Претседателството додека се обраќаше Вучиќ

Студентите во Србија се кренаа: Блокирана зградата на Претседателството додека се обраќаше Вучиќ

„Немаше да ја има оваа крв да беше сè по закон“, „Ќе го решиме и …