За 50 милиони евра биле купени 15 амбасади и конзулати на лоши локации

За 50 милиони евра биле купени 15 амбасади и конзулати на лоши локации

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски на денешната прес-конференција обелодени дека во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, биле направени огромни злоупотреби при купување и реконструкции на објекти за амбасади, конзулати и резиденци во Виена, Прага, Будимпешта, Љубљана и Истанбул.

Тоа е утврдено со  увид во документацијата за купување на објектите за дипломатско-конзуларни претставништва, како и директен увид на самите објекти, кој е вршен во изминатите неколку месеци.

Владата во 2007 година одобрила 40 милиони евра за купување 15 дипломатски-конзуларни претставништа, а со мини-ребаланс на буџетот во декември истата година уште 10 милиони евра.

– Сите купени објекти се наоѓаат на локации во кои нема амбасади. Исклучок е Прага, каде прв сосед ни е амбасадата на Северна Кореја. Објектите се далеку од останатите ДКП-а и од центарот на градот, односно во обични резиденцијални квартови. Тоа укажува и на можноста дека реалната цена во времето кога биле купени била пониска од таа што е платена – рече Димовски.

Тој рече дека биле фаворизирани несоодветни и поскапи објекти, иако имало доставени понуди и за поквалитетни објекти, со поголема квадратура и на репрезентативни места.  Правени се непотребни реконструкции и адаптации на објектите, и тоа неквалитетни, а скапо платени материјали, а некои се вршени и по повеќепати, па односот на вкупно потрошените пари во однос на цената на купување во некои случаи е и 1 спрема 3, рече државниот секретар во МНР.

Димовски како пример го посочи објектот во Виена за кој се платени 3,5 милиони евра со агенциска провизија од 105 илјади евра и реконструкција која чинела 1,4 милиони евра, а продавачот една година претходно го платил истиот објект речиси два и пол пати помалку.

– Има индиции дека продавачот на објектот само пред една година платил 1,46 милиони евра. Утврдено и е дека фирмата била формирана со единствена цел да го изврши тоа продавање на објектот. Една адвокатска канцеларија била застапник и на продавачот и на купувачот – Република Македонија  кажа Димовски.

Втор пример е објектот во Будимпешта кој е во опасност да се урне бидејќи била направена неквалитетна доградба и се создало свлечиште.

– Македонија од 2010 година за резиденција и за амбасада во Будимпешта до денес плаќа закупнина и покрај купен објект од 1,07 милиони евра, рече државниот секретар во МНР.

Во Прага, пак, купениот објект бил дивоградба, а надлежните власти донеле одлука за негово уривање затоа што бил изграден спротивно на чешките закони.

– Постојат индиции дека кабинетот на поранешниот претседател на Владата и поранешниот генерален секретар на Владата постојано и во детали биле информирани за сите постапки. Врз основа на сето ова има индиции дека се направени сериозни нарушувања на постапките и процедурите за купување на објектите поради што се исплатени огромни суми со што е нанаесена директна штета од поголем обем на буџетот на РМ. Сите овие наоди ќе бидат доставени до надлежните институции за натамошно постапување – рече Димовски, додавајќи оти се уште не е точно утврдено колку точно средства се потрошени за купување на овие објекти.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …