За да се обезбедат почисти оџаци и квалитетен воздух, со закон ќе се промовира професијата оџачар

За да се обезбедат почисти оџаци и квалитетен воздух, со закон ќе се промовира професијата оџачар

Градот Скопје подготвува закон за да ја промовира професијата оџачар, која е дефицитарна кај нас. Градските власти информираат дека изработиле текст на Нацрт – Закон за оџачарски работи, кој има за цел да ја возобнови и промовира професијата оџачар, како дел од мерките за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци. Со новиот закон ќе се регулира оџачарството како професија, ќе се пропише начинот и условите за вршење на оџачарските работи во согласност со законодавството на ЕУ, ќе се креираат оџачарски реони кои ќе овозможат јасни одговорности и начини за спроведување на работите кои оџачарот може да ги изведува единствено во рамките на својот реон, како и воведување на обврската домаќинствата и други субјекти еднаш годишно да ги исчистат оџаците.

„Целта е подобрување на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје, преку донесување на законско решение кое ќе обезбеди услови за контрола и чистење на грејните тела од индивидуалните домаќинства, контрола и следење на изворите на емисии и спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиентниот воздух врз човековото здравје. Во посета на Град Скопје се претставници од Град Нирнберг, кои работат со наши експерти на текстот на Нацрт – Законот за оџачарски работи, во рамки на проектот „Оџачари за чисти печки и чист воздух во Скопје“, информираат од Градот Скопје.

Градските власти веќе четири години по ред доделуваат субвенции на домаќинства за чистење на оџаците. И годинава, еден милион денари од градскиот буџет се наменети за оваа намена. Јавниот повик на кој можат да с епријават граѓаните трае до крајот на ноември годинава и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување  на средствата. Изминатите три години година беа доделени околу 1000 субвенции за чистење оџаци.

Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на РСМ во 2018 и 2019 година спроведе и платени обуки за оџачари на невработени работоспособни лица. Обуката траеше три месеци и се одвиваше во средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“, коешто се планира да стане државен тренинг центар за идните оџачари.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …