Влада на ДПМНЕ

За да станеш директор во земјава доволно е да се има добри односи со партијата, новиот закон остана во фиока

Ваквата ситуација доведува до именување вршители на должност директори притоа нанесувајќи штета на државната администрација. Законот што би го спречил тоа останува во фиоките на Собранието, а не се земаат предвид повторените критики на Европската Унија секоја година, пишува Порталб.мк

Северна Македонија е идеална земја за оние кои сакаат да станат директори дури и кога немаат професионални квалификации или соодветно образование. За да се биде на чело на која било институција, доволно е да се „стои добро“ со партијата. Ваквата ситуација доведува до именување вршители на должност директори притоа нанесувајќи штета на државната администрација. Законот што би го спречил тоа останува во фиоките на Собранието, а не се земаат предвид повторените критики на Европската Унија секоја година, пишува Порталб.мк.

Разочарувачки е фактот што меѓу трите закони за администрација што беа ставени во собраниска процедура минатата недела, недостасуваше Законот за високата раководна служба, кој предвидува воспоставување меритократија при определувањето на директорите. Се чини дека законот не е меѓу приоритетите на новата влада и Министерството за администрација, иако го бара Европската комисија, додека во Државната стратегија за реформи во јавната администрација е поставен како основна потреба, со образложението дека промените треба да тргнат токму од него.

За причините зошто е избегнат овој закон, Порталб.мк веќе неколку дена се обидува да добие одговор од Министерството за информатичко општество и администрација, но оттаму не добива одговор.

Министерот за администрација Горан Минчев во своите јавни настапи зборувајќи за реформите на администрацијата воопшто не го спомнува овој закон. Истиот не е вклучен ниту во програмите на партиите на власт, ниту во програмите на владата.

Бидејќи ВЛЕН вети деполитизација на администрацијата, побаравме став и од членовите на ВЛЕН во собраниската комисија за политички систем, каде се расправа за овие закони, Беким Ќоку и Мерита Коџаџику, но ниту од нив не добивме одговор.

Последиците од немањето законска рамка која би го регулирала именувањето и би одредувала критериуми за избор на раководители на институциите се почувствуваа уште од првите денови на оваа влада.

Анализата на организацијата ЦУП покажува дека според важечките закони потребни се минимални критериуми за да се стане директор. Овие критериуми главно се однесуваат на доказ за државјанство, чистота пред законот, високо образование и меѓународен сертификат за познавање странски јазици.

Но, искуството покажува дека и овие минимални критериуми често не се почитуваат.

Се сеќаваме дека Ибрахим Елези неколку часа уживаше на функцијата директор на Затворот Идризово, постапката за негово назначување беше прекината кога јавноста реагираше дека тој и самиот бил затвореник, во истиот затвор и тоа 4 години.

Тогаш, со „амин“ на партијата, но без да го поседува потребниот сертификат, Афрона Верзиволи успеа да стане лидер на Телото за ревизија на ИПА фондовите. Откако Антикорупциска отвори случај, Владата ја разреши од оваа функција.

Друг пример е именувањето на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

Најновиот случај кој деновиве предизвикува реакции е именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кој се обвинува дека не ги исполнува потребните услови. Дури и Јавното обвинителство за ова отвори предмет на 1 ноември, по пријава за фалсификување документи, додека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет на 22 октомври откако доби анонимна претставка со која се оспорува законитоста на неговото именување.

Истражувањето на Центарот за управување со промени (ЦУП) за периодот на 2023 година покажува дека институтот „Вршител на должност или—-В.Д.“ се користи во сите полиња на дејствување и во сите видови институции. Така, во текот на изминатите години, 39 отсто од директорите на 252 институции од јавниот сектор се именувани за вршители на должност. Анализата покажува дека актуелните закони содржат минимални услови за избор на директори. Условите главно се сведуваат на доказ за државјанство, немање кривично дело, високо образование, одредено работно искуство и меѓународен сертификат за странски јазик. Но, во случајот на Христовски се доведува во прашање автентичноста и на тие минимални услови.

Партиите не се подготвени да го расипат „колачот“ на власта

Експертот Борче Давитковски, кој е предавач по јавна администрација, за Порталб.мк изразува песимизам дека овој закон некогаш ќе биде изгласан во Собранието.

„Ваков закон е многу тешко да се изгласа во Македонија, особено поради фактот што на нашите партии им е многу важно да постават сопствени луѓе на високи раководни позиции, додека доколку се изгласа овој закон, ќе биде потребно во согласност со принципот на професионалност и компетентност да се прифаќаат кандидатите“ рече Давитковски.

Давитковски додаде дека „сметката“ за немање ваква законска регулатива ја плаќаат граѓаните, кои се принудени да ги извадат уништените институции од кризата.

„Секојдневно ги гледаме и чувствуваме последиците од немањето ваква законска регулатива, на пример гледаме неспособни луѓе без соодветно образование сместени на работни места како директори на јавни претпријатија и слично“, рече Давитковски.

За да станеш директор во земјава доволно е да се има добри односи со партијата, новиот закон остана во фиока
Борче Давитковски, фото: Аријан Мемети/Цивил.

За да избегнат одговорност, според Давитковски, го користат методот на именување вршители на должност директори.

„Овие луѓе главно ги поставуваат како В.Д. директори, видете што ќе се случи, утре и да има загуби или пропусти на институцијата, овие луѓе не одговараат, додека државниот буџет, поточно нашите пари, ја покриваат нивната неспособност или незнаење“, рече тој.

„Секогаш кога сум се сретнувал со ДУИ и СДСМ за законот, тие наоѓаа алиби да не го стават во постапка“

Адмирим Алити беше министер за администрација и информатичко општество и еден од авторите на овој закон. Порталб разговараше со Алити, тој вели дека и покрај многуте средби, надлежните никогаш немале волја да го донесат овој закон.

„И покрај тоа што направивме значителни напори, во тоа време ја немавме потребната поддршка од ДУИ и од СДСМ. Три пати јас тогашниот премиер и првиот тогашен вицепремиер Артан Груби имавме средба за овој закон, но секој пат бараа измени и алиби за да не се процесира истиот во Владата, а потоа и во Собрание“, рече Адмирим Алити.

Вели дека нивната цел била да обезбедат попрофесионална јавна администрација.

За да станеш директор во земјава доволно е да се има добри односи со партијата, новиот закон остана во фиока
Адмирим Алити, фото: Фејсбук.

„Законот за високите раководители е од особено значење, бидејќи е суштински да се обезбеди професионална, транспарентна и одговорна јавна администрација. Со овој закон се дефинираат стандардите за регрутирање и оценување на високите раководители, со што значително се подобрува интегритетот и ефикасноста во управувањето со државната администрација“, додава Алити.

Потсетуваме, партијата од која беше предложен за министер Адмирим Алити денеска е на власт, додека за Порталб не одговараат дали ќе се обидат да го изгласаат овој закон или не.

Антикорупциската комисија неколку пати покренала постапки поради именување на ненадлежни директори, особено во времето кога директорка беше Билјана Ивановска. Таа за Порталб.мк вели дека вака продолжува праксата на партиските вработувања.

„Сметам дека со недонесувњето на законот за високата раководна служба, во администрацијата продолжува да владее силно политичко влијание, кои преку своите луѓе имаат целосна контрола врз работата на институциите“, изјави Билјана Ивановска, поранешен прв човек на Антикорупциската комисија.

За да станеш директор во земјава доволно е да се има добри односи со партијата, новиот закон остана во фиока
Билјана Ивановска / Фото: ДКСК

Таа додава дека партиите главно се плашат од губење на власта во две прашања.

„Доволно е да се споменат двете најважни, процесот на вработувања и постапките за јавни набавки“, вели Ивановска.

Законот се влече од 2018 година и не е донесен бидејќи политичките партии одбија да поддржат закон со кој ќе им бидат „врзани рацете“ при изборот и назначувањето на високи функционери.

Законот бара од владата да го избере составот на Комисијата за високата раководна служба на начин сличен на начинот на кој сега се избира Антикорупциската комисија, за да се обезбеди транспарентност. Потоа, оваа петчлена комисија, која ќе биде посебна институција, во следните пет години ќе го спроведе процесот на избор на кандидати за секоја од овие раководни позиции. Ќе објавува огласи, ќе прави тестови и интервјуа и од целиот процес ќе филтрира до тројца кандидати за позиција.

Сепак, Владата и министерствата повторно ќе го имаат последниот збор, промена која беше направена во 2023 година, кога МИОА подготви нова верзија, за која Порталб тогаш откри дека многу членови биле „кастрени“ обидувајќи се да се легализира партиско-политичкото влијание при изборот на функционери.

Јасни критики на Европската Унија

Во новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија на Европската комисија се наведува дека препораките дадени од минатата година не се целосно имплементирани, па затоа се уште важат. Меѓу нив е и потребата од донесување на предметниот закон.

„Надлежните во текот на оваа година треба да го донесат и започнат со имплементација на ревидираниот Закон за административни службеници, ревидираниот Закон за вработените во јавните служби и законските одредби за Законот за високата раководна служба“ се вели меѓу другото во извештајот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Зошто слаба Франција ја слабее ЕУ?

Владина криза во Франција, предизборна борба во Германија – двете најважни држави во ЕУ се …