За дивото месо и чуварите на неправдата и невистината

За дивото месо и чуварите на неправдата и невистината

Пишува: Зоран Милошески

 „Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“.

„Диво месо“, Горан Стефановски

Можноста секој вреден и невреден, писмен и полуписмен, паметен и … оној кој тоа не е, да може секогаш, секому за се’ да му соли памет, е главната причина поради која јавно изнесената мисла има се’ помало значење и речиси никаква важност.

Фејсбукот е тој кој ги поремети сите норми, сите правила на живеење живот според точно пишани и јасно утврдени правила и стандарди. Или, живеење нормален живот. Живот каков што живее сиот нормален свет.

И откако тој, фејсбукот, крајно безобразно, непоканет и со ништо непредизвикан упадна дури и во најинтимните катчиња од нашите животи, толку посакуваното право за транспарентност, јавност и достапност на лично искажаниот став, ја изгуби секоја смисла.

Големото уво, широко отворените очи и безгранично распосланото безумие, станаа единствените вредносни критериуми и фактори на одлучување.

Сервилните, не гордите; безумните, не интелигентните; безобразните, не културните; простите, не воспитаните… се воздигнаа и устоличија на престолот на мудроста.

Самите се самоназначија за чувари на правдата и заштитници на вистината. Правда и вистина кроена во нивните недоразвиени сиви ќелии. Неправда и невистина која само ним им одговара. Во која единствено умеат да егзистираат. И да ловат.

Ако ги повикувате на совест, губите време… ја немаат.

Ако им апелирате на разум, се трошите.. го немаат.

Ако се надевате на самосвесност, се самозалажувате… безнадежно е.

И затоа, немојте да се чудите ако на вашиот профил на социјалните мрежи, на вашиот личен став, напишан по ваше сопствено размислување и убедување, однекаде се јави Големиот Брат, кој со својата безвремена мудрост, ум, разум, чесност и честитост, добронамерно ќе ве прекори и ќе ви укаже:

„Чедо мое грешно, ти, кои си заведено од мрачните сили и арогантните ѓаволи…ти не се сложуваш со своето мислење! Признај, покај се и простено ќе ти е!“.

И немојте да имате дилема: Големиот Брат, како совест на општеството, е тука да пази и да се грижи за вас. Повеќе отколку што вие тоа го посакувате и можете да го направите за самите себе.

И затоа, запалете три свеќи и едно кандилце и триесетитри пати кажете го името на вашиот „заштитник и спасител“. За тој некој, кој одозгора сето тоа го гледа.

За таквите…никаквите… „светците и просветлителите“… за сите нив гласно свирете “марш“!

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …