Hајмногу возила институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Најзастапен модел е „Суперб“, покажало истражувањето на ЦГК
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави истражување за набавките на патнички возила на државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци на договорите за јавните набавки на возилата. Истражувањето открива дека само за две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле нови патнички возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел земени на лизинг.
„Меѓу нив се и 45 владини возила, секое по 50 илјади евра, земени на лизинг за сегашните функционери, но и за поранешните премиери и претседатели. Најскапо набавено возило од 55 илјади евра е на Општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила па го раскинала договорот за возило од 63 илјади евра. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра. Омилен бренд на функционерите им е Шкода, од која е набавено секое трето возило. Најмногу возила, 82, набавиле Електрани на Северна Македонија. На дури 70% од тендерите за набавка на возилата имало само по една понуда. Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат фирмите Порше лизинг и Аутомотив груп, секоја по околу 2,8 милиони евра за две години“, наведено е во соопштението на ЦГК.
Истражувањето покажало дека најмногу возила институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Во рамките на оваа марка, далеку најзастапен модел што е набавен е „Суперб“.
„Од 90-те набавени Шкоди, дури 56 се од овој модел. Многу зад Шкода не заостанува ни марката Дачиа од која се набавени 78 возила. Речиси 90% од набавените возила од оваа марка се од моделот „Дастер“. Следна марка според бројот на набавени возила е Пежо, со продадени 45 патнички автомобили. Сите други марки се застапени со значително помалку возила, иако се издвојуваат уште Опел со 16 возила и Рено со 10 возила“, пишува во соопштението.
Извор: МЕТА