За една недела регистрирани 2.246 заболени од грип

Во текот на изминатата недела (од 4 февруари до 10 февруари), во Македонија се регистрирани 2.246 заболени од грип, што е зголемување за 80 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.252 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб-страница го објави Институтот за јавно здравје.

Бројот на регистрирани заболени изминатата недела е помал за 24,2 отсто споредено со истиот период минатата сезона.

Во текот на изминатата недела, регистрирани се два смртни случаи асоцирани со грип. Станува збор за лица на возраст од пет и 25 години од Скопје и Охрид кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести и КАРИЛ. Кај починатите лица утврдено е присуство на коморбидитети.

Најголем број заболени (1.351) се пријавени во најголемата возрасната група од 15  – 64 години, а највисока инциденца од 217,7 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години.

Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (427), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Ресен (489,2 на 100.000).

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 6.371.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …