Пишува: Зоран Милошески
Единаесет месеци од ланските локални избори, а како вчера да беа!?
Победниците – изгубени во просторот и времето. Свесни дека ја имаат најслабата постава на градоначалници од осамостојувањето на државата, од кои, во најдобар случај, можат да се надеваат дека нема да направат преголем зијан за партијата. Иако, како времето поминува, тоа ќе биде невозможна мисија.
Поразените, пак, ниту после 300 и кусур денови никако да разберат дека одењето во опозиција не подразбира самоукинување на партијата и нејзино исчезнување од политичката карта. Притоа, она што е впечатливо и неразбирливо, е однесувањето на партиските функционери вработени во државните институции, кои како да не разбрале дека пред нецела година имало избори и дека партијата која им дала леб ги изгуби изборите. Во добар дел и по нивна заслуга.
Господата не разбрале ниту дека нивната партија сеуште е власт на централно ниво и дека нивна обврска е да придонесат така да остане и после 2024 година. Ама, со нивното себично и арогантно однесување, со активното практикување на девизата „после мене, потоп“, тоа ни случајно нема да се случи.
Оти, ако во изминатите 31 година граѓаните научија нешто за политиката, тоа е дека знаат што не сакаат. Какви политичари и функционери не сакаат.
Не ги сакаат оние кои ги вработуваат сопругите и пријателките, ниту оние кои дрпаат огромни пари од наместени тендери, уште помалку пак оние кои земаат 5 или повеќе илјади евра за едно работно место.
Не сакаат кога самобендисани локални функционерчиња им продаваат големина, кога се чаталат со брендирана гардероба, а работниот ден го поминуваат во кафеани на „тежат-лежат“ софри. Иако колку до вчера, исто како и поголемиот дел простосмртници, немале сол во очи да си фрлат.
Не сакаат кога не им се јавуваат на телефон, кога ги игнорираат и кога со месеци не можат да добијат десетминутен човечки муабет за нивната мака. Не можат да смислат кога вештачки создадената „елита“, чиј рок на траење е правопропорционален со мандатот на централната или локалната власт, заборавила од каде дошла. Каде била, со кого била и по чија заслуга е таму каде што е сега.
Не ги сакаат оние кои забораваат дека се’ во животот е минливо. И функцијата, и власта, и моќта. Не ги сакаат краткоумните кои одбиваат да знаат дека народот памти кој му направил добро, ама уште повеќе, кој му направил зло. Заборавиле дека животот, без исклучок, на сите, ден порано или подоцна им го враќа она коешто тие му го дале.
Политичката неукост и алчноста на аздисаните директорчиња кои во трката по пари ја заборавија партијата, таман дури да речиш „кекс“, можат да го спречат и да го решат најповиканите за тоа – другарите од уќуматот на „Бихаќка“. Бидејќи се’ се знае, нивната работа е само да го испратат „шумарот“ во блицкриг посета на општинските организации, со цел да ги разбрка намножените профитери. Кој во јабана, кој во зандана.
Оти вака како што тргнало, прашање е на денот кога и последните мохиканци ќе дигнат раце и ќе се помират со фактот дека некогаш престижниот и моќен политички бренд, СДСМ, решил да се евтаназира.
Само, се прашувам, како на сето тоа гледаат оние кои себеси се вложиле во партијата? Тие на кои идеологијата им била единствената ѕвезда водилка кога ја создавале и граделе партијата? Имаат ли срце немо да набљудуваат како поединци систематски го уништуваат нивниот труд, како неповратно ги девалвираат прогресивните идеи на социјалдемократијата?
Која е логиката натпреварот без борба да му се предаде на недораснат противник кој не умее да води ни обична селска задруга, камоли пак држава? Однапред да му се препушти власта на никогаш послабото, идеолошки и кадровски обезличеното ВМРО-ДПМНЕ?
Зарем срамното раздружување и скандалозните обвинувања на релација Данела – Мицкоски кои допрва ќе кулминираат, се недоволен аргумент за да најпосле стане јасно кој раководи со ДПМНЕ?
Не го гледате ли распадот на системот во општините кои се под нивна власт? Што уште треба да се случи, уште колку млади треба да ја напуштат државата, за да конечно се актвира сирената за тревога?
Нема друга алтернатива: или фатете се за работа, или свирете фајронт за партијата и државата!