За да се намалат трошоците за трговија и да се зголеми ефикасноста на транспортот, Министерството за финансии во име на Владата ќе склучи договор за заем со Светска банка во износ од 26,2 милиони евра, информираат од таму.
Договорот ќе биде потпишан по донесувањето на Закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, кој што е во собраниска процедура.
„Условите за заемот се исклучително поволни. Рокот на отплата е 12 години со вклучен грејс период од четири години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон.Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан е од регионален карактер и во првична фаза, покрај нашата земја, ќе ги вклучи и Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Основната цел на Проектот е промоција на подлабока економска интеграција во рамки на регионот, намалување на трошоците за трговија и зголемување на ефикасноста на транспортот во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.
Извор: МЕТА