За прилепскио мајтап и курназлако

За прилепскио мајтап и курназлако

Пишува: Зоран Милошески

Прилепчани се пис лујџе на муабет. Од нигде никаде, че ти го залепа влице то шо ти го мисла, па ти после чешај се!

Двосмислени во муабето, шо да ви кажувам. Ако не си “одПрилеп“ (се чита и изговара заедно) и ако ти реча „ај доста се онадиш“, нема речник и преведувач на свето шо че можи да ти кажи шо сакал да кажи авторо.

За мајтапо, ич да не зборувам. А ко че му напрај некој споменик на измислен лик каков шо бил Итар Пејо (види слика), сакал – нејчел го носи мајтапо во крвта. Го снема ли него, че ги снема и прилепчани. Толку од нив. Ама знајте кога че ги снема нив од географската карта? Никогаш! Дури ни тогаш!

А знајте зошто? Не оти нешто се „посветени на каузата“. Или оти останале „верни на традицијата“. Уште помалку заради „доследноста на принципите и карактеро“.

Не бе, ништо од то. За инает! Прилепчани че ги има за инает! За инает за блиските, далечните, пријателите, комшиите, душманите, знајните, незнајните… сеедно. Че го држа магарето за “такво“ и че вела „магарица е“. Ама че ги биди!

Во Прилеп ако немаш прекар и ако не те бива за заебанција – не си прилепчанец! Не си, па Јана мајка да е! Донесен си од негде. Или, шо би рекле старите мајтапчии „тој не че да е прилепчанец по рајџајне, него го родила теткаму во студентскио во Битола“!

А, поголема навреда за прилепчанец од то да му изва муабет дека е роден во Битола, да го спореда со битолчанец или да му најда битолски корени – нема и не можи да има! Зато рекле: во Прилеп не е страшно и гла да ти пукни, ама ако ти пукни муабет – го е.а чошо! Те зедоја вмашина и – толку од тебе. Пците со мас не те јада после.

Една од прилепските легенди беше Џумерко. Чоек за респект во секоја смисла. Како глумец, ама најмногу како главен чаршиски заебант и, шо би рекле, курназ. Не сум начисто дали дијалого шо че го пренесам го знам само како легенда, или сум бил сведок на настано… оти не дека сум стар, туку само памтам долго… ама приказната е жива вистина и доказ во колкава мера вродената смисла за хумор на прилепчани, му даваше смисла на чаршискио живот во градо. Сега, додуша, тро помалку, ама не е без ич.

Возел Џумерко точак по булеваро, а на терасата од Градската кафана, седнати на по една ракија и една салата, мајтапчии и сеирџии колку ти душа сака! Таман стасал Џуме кај семафорите, некој од тие шо имале појче храброст од ум…оти да пробаш да го насамариш него, требаше или да си ептен јунак или скроз нетокму… му викнал: „Џумеееее… ти се врти колцето!“. Уште зборо недоречен, Џумерко му вратил: „И тебе да те клам на осовина, и ти че се вртиш“.

Ете то е… не за џабе рекле дека во Прилеп мајмун не игра, оти нема кој да му го држи стапо.

И зато, за да си немаме замерки со гостите од другите градој, еден совет до сите: ко че дојдите во Прилепо, одберете си друго хоби, немојте ни насон да сте пробале да си играте шенгуле со прилепчани… оти, врти-сучи, како и да земите, назијан че излезите.

За разлика од Итар Пејо, Аџи-Христо Логотет не само шо постоел, туку бил угледен грајџанин и главен иницијатор за изградба на прилепската црква „Свето Благовештение“ во 1838 година, или како шо прилепчани си ја викаат „Старацрква“.

Е, тој Аџи-Христо Логотет, кого покојнио Блаже Алексоски го овековечил во една своја книга, рекол:„Ич не е убаво да си само курназ, пет пари не чини. Мајка му е да си малку и несалам, па да му видиш малку лезет на животецов“.

То беше и идејата на тексто: да го прикажи менталитето на прилепчани, како лујџе богати со дух и мајтап, ама тро и да го разведри нашето секојдневие, обременето со политика, корона и проблеми.

Инаку, не да се фалам… и не дека прилепчанец… ама, нас прилепчани не’ бива. Додуша и по инаето не сме за фрлање… ама битно дека не’ бива.

А тој шо го бива, за се’ го бива… ебаго!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …