За шест години, 412 деца се оттуѓени од родителот со кој не живеат

За шест години, 412 деца се оттуѓени од родителот со кој не живеат

Во периодот од 2016 година до денес, на СОС телефонскиот број „Ало Бушавко“ (070/390-632), евидентирани се 412 деца кои по разводот на нивните родители, се наоѓаат или во фаза на отуѓување или се веќе сосема отуѓени од родителот со кој не живеат. Сепак, се претпоставува дека реалниот број е многу поголем, иако кај нас не се води ваква статистика. Ова беше истакнато на јавната онлајн дебата на тема „Како да се спречи отуѓувањето на децата?“, која се одржа по повод Меѓународниот ден на оттуѓување на родителите.

Отргнувањето на детето од страна на еден од родителите за време на разводот, се препознава како форма на психолошка злоупотреба на детето и има големо влијание врз емоционалниот и менталниот детски развој. Последниве години, како што сè повеќе се зголемува бројот на разводи во споредба со минатото, така се зголемува и бројот на случаи на отуѓување на децата од родителот.

Психологот Дора Попова кажа дека во овие случаи едниот родител е таргетиран како жртва, бидејќи не може никако да дојде до детето, а од другата страна е нарцизоидниот родител кој го одделува детето од својот друг родител.

„Битно е родителот жртва да остане присебен, да побара помош за да научи да ги самоменаџира своите чувства и да научи како да не го напаѓа родителот кој веќе го напаѓа него. Бидејќи во спротивно детето ќе се најде во тешка конфузна ситуација“, рече Попова.

Таа информира дека е зголемен е бројот на родители кои се разведуваат во последно време, а со тоа и деца кои се оттргнувани од едниот родител.

Наум Рибароски, претседателот на Центарот за заедничко родителство „Децата пред сè“ кажа дека има многу примери на родителско отуѓување.

„Сите ние кои сме секундарни родители според сегашниот закон, односно родители на кои децата не им се доверени на чување, сме во постојана опасност децата да се оттуѓат од нас. Нема ефикасни правни механизми како да му се застане на патот на ова. Оттуѓување се случува со недавање на детето, односно ако примарниот родител реши дека детето не треба да се гледа со другиот роител. Овде центрите за социјална работа немаат механизми како да постапат. Исто така оттуѓување се случува и со трајно отселување на детето во странство со примарниот родител. Според сегашната пракса, не е потребна согласност од другиот родител за да примарниот си замине“, вели Рибароски.

Јован Андоновски од канцеларијата на Народниот правобранител, кажа дека најчесто центрите за социјални работи ги негираат наводите за пристрасно постапување.

„Тие кажуваат дека постапиле и одлучиле согласно најдобриот интерес на детето. Но, при извршени надзори, утврдена е неправилна примена на законот. Слабостите на системот станаа видливи во ковид пандемијата, која беше користена како изговор децата да не си ги гледаат секундарните родители. Народниот правобранител укажа на МТСП редовно да ја следат динамиката на остварување на непосредни контакти“, рече Андоновски.

На крајот на јавната дебата беше заклучено дека е потребно да се подобрат односите меѓу родителите по развод, да останат разумни и да не влегуваат во војна, бидејќи целиот терет го носат децата. Исто така, беше кажано и дека треба да се обрне внимание, надлежните институции да не дозволат да се кршат детските права.

Од Центарот за заедничко родителство бараат да не се доделуваат децата на еден родител после развод, туку двајцата да се еднакво одговорни. Исто така, се залагаат за тоа да постои институција која ќе следи, од кои причини примарниот родител не му дозволува на секундарниот да го види детето, иако има решение за видување. Такви семејни извршителски агенции постојат во многу земји. Се бара и да има казни во случај на лажни пријави за насилство и педофилија, како и да се забрани изнесување на деца до 14-годишна возраст подолго од 30 дена со еден родител.

Заедничкото родителство може да функционира во пракса, но да се определи согласно низа фактори. Еден од нив е возраста на детето. Така, помалите деца до 3 години, е логично да поминуваат повеќе време со мајката. Потоа со текот на растењето, сè повеќе би требало да се зголемува и времето кое со детето ќе го поминува таткото. Заедничкото родителство зависи од тоа, дали родителите живеат во ист град, држава, какви им се работните обврски. Сите овие параметри се внесени во посебен Правилник, кој засега не е на сила.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пошта

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро …