За што воопшто служи „Ќациленд“ и колку долго ќе постои?

За што воопшто служи „Ќациленд“ и колку долго ќе постои?

Во последно време, областа, која зафаќа околу 3,6 хектари, стана клучно место. Двојна метална ограда, подмачкана со индустриска маст, на рабовите на „Ќациленд“ ги дели двата клучни табора во политичкиот живот на  Србија.

Од едната страна е Дијана Хрка, мајката на починатиот Стефан, една од 16-те жртви на  паѓањето на  настрешницата во Нови Сад.  Хрка штрајкува со глад, барајќи  кривично гонење на обвинетите,  како и предвремени парламентарни избори. Таа е придружувана од група граѓани кои ја поддржуваат.

Од другата страна, зад полицискиот кордон, се наоѓаат поддржувачи на Српската напредна партија. Оттаму доаѓа гласна музика.

Неодамна, според Хрка, оттаму бил испукан топовски истрел во правец на оние кои протестираат. Истражувачките медиуми го посочуваат прстот кон овој шаторски камп како место за собирање на криминалци блиски до режимот.

Челниците на власта, кои не се срамат од името „Ќациленд“, го нарекуваат „симбол на слободата“. Целта ја објасни претседателот на Српската напредна партија и поранешен премиер, Милош Вучевиќ, кој рече дека овој простор станал „симбол на отпор и индикатор дека не е блокирана цела Србија“, и дека постои „мал дел што не може да биде окупиран веќе девет месеци“.

Соговорниците на ДВ делумно се согласуваат со таа изјава.

Зошто просторот стана клучен за политичките процеси?

Воениот аналитичар Александар Радиќ објаснува за ДВ дека Белград, за разлика од другите европски градови, нема големи површини каде што би се одржувале масовни собири, вклучително и протести. Сепак, просторот што го зафаќа „Ќациленд “ е од поинакво значење.

Првите денови на „Ќациленд“, 13 март 2025 година - луѓе во шаторска населба
Првите денови на „Ќациленд“, 13 март 2025 година

„Многу е важно каде се концентрирани државните објекти. Ако ги држите во центарот на градот, всушност го контролирате Белград и земјата. Непријатен момент за владата е всушност ризикот народот да го преземе тој дел од центарот на градот. Бидејќи, ако ја држат таа позиција, тогаш ги контролираат главните насоки на движење низ Белград. Сите патишта водат кон центарот“, објаснува Радиќ.

Тој додава дека целта на „Ќациленд“ не е за поддржувачите на режимот, туку тие да служат како покритие за присуството на полицијата.

„Ако се гледа од безбедносна гледна точка, режимот мора да го држи центарот на еден или друг начин. Непрактично е да се држи таму полиција без причина, затоа ‘Ќациленд’ и постои, за да се држи полиција, и тоа е поентата. Не е важно колку луѓе има во ‘Ќациленд’, важно е да има полиција“, вели Радиќ.

Од студентски протест до политички бастион

Веќе поминаа девет месеци откако кампот на студенти кои сакаат да студираат првично беше пријавен на 6 март оваа година – само девет дена пред протестот на 15 март, кој, според Архивата на јавни собири, беше најголемиот во историјата на земјата со собрани 325.000 луѓе.

Кампувањето во Пионерскиот парк прв го пријави студентот по медицина Милош Павловиќ. До 12 април, границите на шаторската населба беа само во рамките на паркот.

Потоа се одржа состанок на Движењето за народот и државата, по кој шаторската населба се прошири до патот, блокирајќи ја улицата каде што се наоѓа институционалниот триаголник на Народното собрание на Србија, зградата на Претседателството, како и градската администрација на Белград.

На прашањето на ДВ која е целта на оваа населба, ниту Павловиќ ниту Дарко Глишиќ, министерот за јавни инвестиции, кои пријавија понатамошен собир, не одговорија до објавувањето на овој текст.

Зошто локацијата е стратешка за власта?

Социологот од Центарот за политики на еманципација, Владимир Симовиќ, за ДВ објаснува колку важна улога одиграл „кампот на студенти кои сакаат да учат“ пред големиот протест.

„Пред 15 март, кој беше голема непозната за сите партии и се очекуваше со неизвесност, беше важно режимот да ги воспостави и заштити своите позиции и институционални извори на моќ. И на крајот, сè заврши добро за режимот. Да не беше кампот во Пионерски парк, многу е можно демонстрантите да ја окупираа таа стратешка точка, а потоа притисокот врз институциите ќе беше поголем, повидлив и физички многу почувствителен отколку, на пример, блокадите на факултетите“, објаснува Симовиќ.

Тој додава дека „Ќациленд“ постепено преминуваше од функционална улога во симболична, бидејќи режимот беше во „дефанзива”.

Човек со дигнати раце пред кордон полицајци во Белград на протестите
„Ќациленд“ не е за поддржувачите на режимот, туку тие да служат како покритие за присуството на полицијата

„Во следниот период, ова место служеше за консолидација на поддржувачите на владата. Дотогаш, режимот беше во дефанзива. Пионерски парк беше простор за собирање и прегрупирање и на некој начин симболично враќање на контролата во рацете на режимот, што беше важна порака до поддржувачите на владата“, вели Симовиќ.

Како власта ја гради симболиката на „слободата“?

Денес, многу настани подоцна, челниците на власта го нарекуваат ова место симбол на слободата. Овој израз најмногу се воспостави не долго по годишнината од падот на настрешницата, на први ноември оваа година.

По   инцидентот со пиротехнички средства околу „Ќациленд“,   се обрати претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека тоа е реакција на противниците на владата, по „дебаклот во Нови Сад“, и дека тие нападнале „симбол на слободата и отпорот кон сите притисоци, симбол на постоењето на Србија“.

Драган Поповиќ, од Центарот за практична политика, ги толкува ваквите реченици како обраќање до сопствените гласачи и обид да се создаде црно-бела слика за општеството.

„Вучиќ со приказната и наративот дека ‘Ќациленд’ е простор на слобода, им се обраќа на своите гласачи кои ги изолира од реалните информации и ги чува во меур каде што црното е претставено како бело, а белото како црно. Тоа е паралелна реалност, но за жал, значителен број луѓе живеат во неа“, смета Поповиќ.

Кога би можел да исчезне кампот?

Тој додава дека употребата на националистички симболи служи за една цел – да се создаде јасна поделба што му служи на Вучиќ.

„Вучиќ не е претседател на една партија или член на една партија, туку тој е државата, тој е нацијата. Тоа е наративот што се обидуваат да го шират, затоа ја користат националистичката идеологија до таков степен, затоа пумпаат омраза меѓу луѓето. Тие  се обидуваат да ја заштитат сопствената влада,  претставувајќи ја секоја критика кон неа како напад врз народот и државата“, заклучува Поповиќ.

Во кулоарите имаше многу шпекулации за тоа кога конечно би можел да биде отстранет шаторскиот камп. Меѓу аналитичарите сега постои убедување – можеби дури по изборите, кога и да се одржат.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Протесното движење „Кој е следен?“ ќе присуствува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита …