За Велигден и Рамазан без полициски час, а другите денови да почнува од 21 часот, предлага Комисијата за заразни болести

За Велигден и Рамазан без полициски час, а другите денови да почнува од 21 часот, предлага Комисијата за заразни болести

Полициски час да нема за Велигден нoќта на 1 спроти 2 мај, како и за Рамазан Бајрам ноќта на 12 спроти 13 мај предлага Комисијата за заразни болести, а за ова информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Предлогот исто така е во наредните денови полицискиот час да почнува од 21 часот, а летните тераси на сите угостителски објекти да почнат да работат, и тоа со работно време до 20:30 часот. Предлозите утре треба да се најдат на владина седница.

Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани потенцираше дека немањето полициски час за овие два големи верски празници, значи верниците да почувствуваат слобода, но истовреме и апелираше мерките да ги почитуваат сите, како што се: носење заштитни маски, држење на дистанца и одржување на хигиена.

Филипче додаде дека разговарано е со верските лидери да се придржуваат на протоколите, и организацијата да биде надвор од храмовите. Имајќи го предвид групирањето по храмовите, тој рече дека сè е оставено на свесноста и совеста на граѓаните, бидејќи нема толку голема контрола колку што граѓаните може да прекршуваат и затоа повика на одговорност.

Министерот за здравство исто така потенцираше дека животот не може да запре, и го посочи примерот со Чешка каде што и покрај строгиот карантин, сепак огромниот бран довел речиси до колапс на болниците. Оттука, тој смета дека кога вирусот е широко распространет, такви строги мерки не даваат резултат.

Во однос на вакцинирањето, тој рече дека во мај очекува да пристигне голема количина на вакцини, освен 200.000 кинески и 26.000 на „Фајзер/Бионтек“, се очекуваат и 500.000 на „Синовак“.

Денеска исто така ќе стигнат и 10.000 вакцини на „Фајзер/Бионтек“ преку директниот договор, кој државата го има со оваа компанија.

Тој ги охрабри граѓаните да се пријавуваат за вакцинација, а како што рече, на ред ќе дојдат и пациентите со ретки болести, како и сите кои до сега пројавиле интерес на vakcinacija.mk.

Во однос на состојбата со ковид-пандемијата, Филипче потенцираше дека бројките на заразени се намалуваат, а тоа се чувствува и по бројот на хоспитализирани. Се намалува притисокот врз болниците, како во внатрешноста, така и во Скопје.

Филипче информираше дека Одделението за урологија ќе започне нормално да функционира, а истото се очекува и со хируршките одделенија на Клиничкиот центар во Скопје, кои треба да се ослободат ковид-пациенти по празниците.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …